Јапонскиот премиер Шинѕо Абе изјави дека успехот на идните самити на Северна Кореја со Јужна Кореја и со САД ќе значи дека Пјонгјанг и Токио можат да ги нормализираат своите односи.
– Успехот на тие два самита значи дека нуклеарното и ракетното прашање, како и прашањето за киднапираните Јапонци во Северна Кореја ќе бидат решени и во тој случај Северна Кореја и Јапонија ќе можат да излезат од минатото и да ги нормализираат односите, изјави Абе во телефонскиот разговор со јужнокорејскиот претседател Мун Џае-ин.
Абе побара од Мун на средбата в петок да го покрене прашањето за киднапираните Јапонци во Северна Кореја.
Северна Кореја во 2002 година призна дека киднапирала 13 Јапонци во текот на 70-тите и 80-тите години од минатиот век, со цел да ги обучи за шпиони. Осум од нив починаа, а на петмина им беше дозволено во 2002 година да ја посетат Јапонија, каде и останаа.
Јапонија се сомнева дека уште стотина јапонски државјани биле киднапирани од страна на Северна Кореја.