На 102-та трка околу Италија од сабота до 2 јуни велосипедистите ќе треба да извозат 21 етапа во вкупна должина од 3.518 км, со седум финиша на високи планински врвови, и со шест спринтерски етапи. Во отсуство на Фрум и Томас, главни фаворити се Нибали, Думулан, Јејтс, Роглич…
Новото издание на Џиро д’Италија ќе почне в сабота во Болоња со индивидуалниот хронометар во должина од 8,2 км и ќе заврши на 2 јуни во Верона, исто така, со индивидуална трка долга 15,6 км. За многу познавачи на велосипедскиот спорт трката околу Италија е потежок и понапорен тест од Тур де Франс, поради подолгите, повисоки и честопати многу постудени етапи.
По ланскиот почеток во Ерусалим, Израел (со финиш во Рим), годинашниот Џиро целосно ќе се вози во Италија, но со многу тешки етапи. Велосипедистите ќе треба да извозат 21 етапа во вкупна должина од 3.518 км со три индивидуални трки на хронометар, со седум финиша на високи планински врвови, и со шест спринтерски етапи. Највисоката точка на трката е преминот Гавиа (2.621 м), на 16-та етапа. Повеќето планински етапи се во последната недела од трката што најавува возбудливо и драматично финале.
На годинашниот Џиро, прв од трите грантур-трки (другите две се Тур де Франс и Вуелта) нема да настапат ланскиот победник, Британецот Крис Фрум чија главна цел годинава е петтиот триумф на Тур де Франс, како и неговиот клупски колега, Герент Томас, победникот на Тур де Франс 2018-та. Во нивно отсуство како главни фаворити за победа се сметаат поранешните победници, Италијанецот Винченцо Нибали (2013 и 2016-та), Холанѓанецот Том Думулан (во 2017-та), и Британецот Сајмон Јејтс (победникот на Вуелта 2018-та), кој лани беше во водство 13 дена, но во 19-та етапа се скрши, односно Фрум во ретко видена трка на Алпите успеа да го надомести минусот од три минути и да триумфира. Во најтесниот круг претенденти за највисок пласман е и ѕвездата во подем, Словенецот Примож Роглич, поранешен успешен ски-скокач, кој лани беше четврти на Тур де Франс.
На Џиро или на т.н. „розов пат“ на претходната 101. трка 69 пати победуваа италијански тимови. Годинава ќе настапат 18 екипи, од кои само три се италијански, Андрони Џокатоли-Сидермек, Бардијани-ЦСФ и Нипо Вини Фантини Фајзане.
Етапа во чест на Леонардо да Винчи
Покрај патиштата каде што ќе поминуваат велосипедистите на Џиро д’Италија се очекуваат над еден милион луѓе. Во третата етапа што ќе почне во Винчи ќе му се оддаде почит на генијот Леонардо да Винчи, кој почина пред 500 години. Во 12-та етапа, пак, ќе му се оддаде почит на легендарниот Фаусто Копи, петкратниот победник на Џиро, по повод 100-годишнината од неговото раѓање. Најмногу победи на Џиро, по пет, имаат Италијанците Алфредо Бинда (1925, 1927, 1928, 1929 и 1933) и Фаусто Копи (1940, 1947, 1949, 1952 и 1953) и Белгиецот Еди Меркс (1968, 1970, 1972, 1973 и 1974).