Оптимист сум и верувам дека со моето добро грло Шамблу ќе освојувам бодови што ќе бидат доволни за обезбедување норма за настап на ЛОИ во Токио в година, а имам и волја за такво нешто, вели Заложник
Моментно сум во Франција, каде што по покана од селекторот на француската репрезентација Хенк Норен се подготвувам за претстојните квалификациски турнири за пласман на Летните олимписки игри (ЛОИ) во Токио во 2020 година, како и за Лигата во коњички спорт, каде што само првопласираниот обезбедува директен пласман на ЛОИ, ни изјави Лука Заложник, македонски репрезентативец.
Тој не беше задоволен од статусот што го имаше како спортист во Словенија, па реши од 2016 година да ги брани боите на Македонија, иако имал понуди и од Хрватска и од Азербејџан. Заложник (36) денес е кандидат за настап ЛОИ во Токио, секако ако притоа ја исполни потребната квота. Вкупниот број учесници во прескок на Игрите во Јапонија изнесува 75, од кои тројца се од земјата-домаќин.
На Светското првенство (СП) во САД, лани тој го освои 65-то место, на гранпри-турнирот во Лирс (Белгија) беше осми, а на Медитеранските игри во Тарагона, минатата година, каде што настапија многу квалитетни натпреварувачи, го освои одличното осмо место.
– Оптимист сум и верувам дека со моето добро грло Шамблу ќе освојувам бодови што ќе бидат доволни за обезбедување норма за настап на ЛОИ во Токио в година, а имам и волја за такво нешто – вели Заложник.
Заложник моментно е на 887-то место на ранг-листата во прескок на Светската федерацијата во коњички спорт (ФЕИ), со 154 бода, но тоа е така бидејќи бодовите во последните три години, откако го зеде македонското државјанство, според правила на ФЕИ, не се пресметуваат три години иако, според него, тој би требало да е меѓу првите шеесетина. Досега настапил на 491 натпреварување, а успеал да победи на 44.
Од квалификациските турнири што го очекуваат (надвор од Лигата), би ги издвоиле оние во Арецо и во Милано (Италија), Сен Тропе (Франција), Познањ (Полска), Шаморин (Словачка) и други.