Во конкуренција на 12 врвни шахисти, по 5-то коло, тој има 4 поени, еден повеќе од светскиот првак Карлсен, кој годинава настапи и победи на седум турнири
Рускиот велемајстор (ВМ) Јан Непомнијашчи (2.775 рејтинг-поени), води по 5-то коло на шаховскиот гранд-турнир, кој се игра во Загреб (Хрватска) што претставува најсилен годинашен турнир во светот (22. категорија, со просечен рејтинг на играчите од 2.782 поени). Во конкуренција на 12 врвни шахисти, тој има 4 поени (победи над Ананд, Каруана и Мамеѓаров и реми со Карјакин и Накамура). Актуелниот светски првак, Норвежанецот Магнус Карлсен, моментно е втор со 3 поени (победа над Гири и реми против Ананд, Каруана, Мамеѓаров и Карјакин), а ист број поени има и Американецот Весли Со, кој е на третата позиција.
Ќе успее ли Непомнијашчи да ја запре годинашната победничка серија од седум турнири на Карлсен? Шаховскиот гениј годинава секаде каде што играше победуваше. А играше на турнирите во Вајк ан Зе, Шамкир, Гренке, Абиџан, Линдорес, Ставангер, како и на Светското првенство (СП) во брз шах.
Турнирот во Загреб е замислен како дел од седумте вакви турнири на кои најдобрите четворица шахисти ќе изборат право за настап на финалниот турнир во Лондон кон крајот на годинава. Само овој и турнирот во Синкфилд (САД), се со класично темпо на размислување, додека другите пет Абиџан (веќе одигран), Париз, Сент Луис, Букурешт и Колката, се комбинација од забрзан и брзопотезен шах со по 10 учесници. Во вкупниот поредок, моментно води Карлсен со 13 бода, пред Накамура и Вашер Легрев со по девет. Имајќи превид дека триумфот на класичниот турнир носи 20 бода, тогаш по Загреб, се можни големи промени на табелата. Наградниот фонд на турнирот во Загреб е 325.000 долари (90.000 за победникот), а вкупниот на сите турнири годинава е 1,65 милион долари.
Резултати 5-то коло: Карјакин – Карлсен реми (42 потег), Каруана – Со реми (41), Ананд – Вашер Легрев реми (43), Накамура – Непомнијашчи реми (65), Мамеѓаров – Аронијан реми (39), Гири – Динг 0-1 (64).
Табела: Непомнијашчи (2.775) 4, Со (2.754) 3, Карлсен (2.875) 3, Карјакин (2.748) 2,5, Каруана (2.819) 2,5, Вашер Легрев (2.779) 2,5, Аронијан (2.752) 2,5, Динг (2.805) 2,5, Ананд (2.767) 2, Накмура (2.754) 2, Мамеѓаров (2.774) 2, Гири (2.779) 1,5 поен.