Лани многу зборував дека навистина не обрнував внимание на очекувањата, знаејќи дека има разлика помеѓу очекувањата и реалноста, вели Шифрин, која лани забележа рекордни 17 победи во СК, а на првата трка сезонава, во велеслалом, беше втора

Американската скијачка од Колорадо, 24-годишната Микаела Шифрин, која лани забележа рекордни 17 победи во Светскиот куп (СК), три повеќе од Швајцарката Френи Шнајдер во сезоната 1988/1989, пред почетокот на новата сезона рече дека ќе биде тешко да се повтори тој успех. Но, исто така, и не негира дека е можен нов таков подвиг. Шифрин е најголемата ѕвезда во алпското скијање во моментов, по пензионирањето на нејзините славни колеги како Линдзи Вон, Марсел Хиршер и Аксел Лунд Свиндал. Сега сите погледи се свртени кон неа, но таа не го смета тоа за (пре)голем товар.

– Ми се чини како сите овие пензионирања малку да го разнишаа скијачкиот спорт. За мене, пензионирањето на Марсел е едно од највлијателните. Јас го гледав него, бев инспирирана од неговото скијање долго време – вели Шифрин, која го освои второто место на премиерната трка сезонава, во велеслалом во Зелден, заостанувајќи само шест десеттинки зад Алис Робинсон од Нов Зеланд.

Сезонава нема олимписки игри или светско првенство, па затоа таа планира да настапи на повеќе трки во спуст и во супервелеслалом за да ги тестира способностите.
За претстојната сезона, Шифрин истакнува дека има реални цели.

– Кој може да очекува да ги повторува успесите постојано? Минатата година многу зборував за тоа дека навистина не обрнував внимание на очекувањата, знаејќи дека има разлика помеѓу очекувањата и реалноста. Се обидував моето скијање да биде на високо ниво и да не очекувам премногу. Од повеќе причини, тој начин на размислување функционираше. Секоја година е различна. Не знаете кој работел понапорно и станал подобар. Мора да се тркате и да видите што може да сторите.

Многу работи се непредвидливи. Мојата мотивација не произлегува од соборувањето на рекордите. Сѐ уште многу уживам во скијањето и чувствувам дека се подобрувам.

Сѐ додека е така, подготвена сум да продолжам. Навистина немам некакви временски рокови. Не знам дали ќе скијам до 30-та година или дали ќе се пензионирам пред или потоа. Но не се гледам себеси во скијањето многу над 30-та. Сепак, ако во тие моменти сѐ уште имам енергија и сѐ уште ги достигнувам моите стандарди, ќе продолжам да скијам – вели Шифрин, чија мајка и тренерка Ајлин планира да ја придружува на настапите и на патувањата колку што е можно почесто. 


Прва победи во сите шест дисциплини

Во Лејк Луис минатиот декември Микаела Шифрин ја постигна првата победа во супервелеслалом, со што стана првата скијачка во историјата на Светскиот куп (СК) што победила во сите шест дисциплини. На СП во Оре, Шведска, ја освои четвртата шампионска титула во низа во слалом. Со 60-те победи (од 2012-та) во СК таа е на петтата позиција на вечната листа, зад Ингемар Стенмарк (86, од 1973 до 1989), Линдзи Вон (82, од 2001 до 2019), Хиршер (67, од 2008 до 2019) и зад Анемари Мозер-Прел (62, од 1969 до 1980 година).