Од денеска на СП ќе настапат околу 700 скијачи од рекорден број земји (77), меѓу нив и од Македонија, кои ќе се натпреваруваат во 11 дисциплини. Шифрин и Хиршер сезонава водат во СК, нанижаа 23 победи, главно во слалом и во велеслалом, Шифрин води во три дисциплини, а Хиршер во две
Во шведскиот зимски центар Оре од денеска до 17 февруари ќе се одржи 45. Светско првенство (СП) во алпско скијање, со околу 700 скијачи од 77 земји, што е рекорд, меѓу нив и од Македонија, кои ќе се натпреваруваат во 11 дисциплини. Првпат на СП ќе учествуваат и скијачи од Јордан, Таџикистан и од Тајланд. Оре третпат е домаќин на СП (претходно и во 1954 и 2007 година).
Двонеделните скијачки возбудувања се очекува да ги проследат над 120.000 гледачи покрај терените и околу 700 милиони во светот покрај ТВ-приемниците. На спортски план, главни фаворити за освојувањето медали се најдобрите во Светскиот куп (СК), Американката Микаела Шифрин (сезонава веќе победи на 13 трки во СК, само една помалку од рекордните 14 на Швајцарката Френи Шнајдер во сезоната 1988/1989) и Австриецот Марсел Хиршер (10 победи сезонава).
Шифрин, која ќе го брани златото во слалом од минатото СП во Сент Мориц, ќе се обиде да ја достигне и евентуално да ја надмине Швеѓанката Ања Персон, која на СП 2007 освои три злата (во супервелеслалом, во спуст и во комбинација) и една бронза (во слалом). Покрај Шифрин, која има и 56 победи во Светскиот куп, титулите од Сент Мориц ќе ги бранат Французинката Теса Ворли (велеслалом), Австријката Никол Шмидхофер (супервелеслалом), Словенката Илка Штухец (спуст) и Швајцарката Венди Холденер (комбинација).
Кај мажите Хиршер, кој беше најдобар во слалом и во велеслалом пред две години во Сент Мориц, е непобедлив сезонава, но ќе има големи конкуренти во Норвежанецот Хенрик Кристоферсен и во Французинот Клемен Ноел. Покрај него, титулите од пред две години ќе ги бранат Швајцарците Беат Фојц (спуст) и Лука Ерни (комбинација), како и Канаѓанецот Ерик Гај (супервелеслалом).
Сезонава во водство во шесте дисциплини во машкиот СК се тројца Австријци (Хиршер во слалом и во велеслалом, Винсен Крихмаер во супервелеслалом и Марко Шварц во комбинација) и еден Швајцарец (Фојц во спуст). Кај жените Шифрин води во три дисциплини (слалом, велеслалом и супервелеслалом) и Австријката Никол Шмидхофер (спуст).
Македонија со четворица скијачи во техничките дисциплини
На Светското првенство во Оре, Македонија ќе ја претставуваат четворица скијачи – Антонио Ристевски, Лука Божиновски, Дардан Дехари и Виктор Петков, предводени од тренерот и селектор Никола Панчевски. Тие ќе настапат во квалификациите во Дувед, блиску до Оре, во техничките дисциплини, слалом и велеслалом, кои се на програмата на 14, односно на 16 февруари. Македонските скијачи деновиве се на завршни подготовки во Маврово, од каде што за Шведска ќе заминат в понеделник. Со оглед на силната конкуренција на СП, како и на реалните можности, од македонските скијачи не треба да се очекуваат никакви позабележителни резултати. Л.Д.