Пехарот за машкиот победник (од 1887 год.) е позлатен, висок 46 см, со дијаметар од 19 см, а трофејот за жените-победнички на Вимблдон (од 1886-та) е сребрена „чинија“, со делумна позлата, со дијаметар од 46 см
На Вимблдон, третиот годинашен тениски гранслем-турнир, допрва претстојат возбудувањата и најинтересните мечеви, кои ќе ги дадат освојувачите на вредните трофеи. Главните фаворити не покажуваат знаци на слабост и се очекува да стигнат до завршницата. Во прилог на оваа констатација е и податокот дека тројца тенисери победиле на 14 од последните 16 турнири, од 2003-та досега (Роџер Федерер осум пати, Новак Ѓоковиќ четири пати, Рафаел Надал двапати).
Останува да се почека до 14 јули и да се види кој ќе го крене вредниот трофеј на централниот терен. Пехарите наменети за победниците во машка и во женска конкуренција се сметаат за највредни во светот на спортот.
Вимблдон се игра од 1877 година, а првиот пехар е доделен во 1887 година. Тој беше замена на претходниот, Филд и Челенџ-куп, кои станаа сопственост на Вилијам Реншоу, кој победуваше шест пати по ред, од 1881 до 1886 година. Не сакајќи да го загубат и третиот пехар, организаторите на турнирот решиле победникот повеќе да не го добива во трајна сопственост, туку само копија помала за една третина од оригиналот, со испишаните имиња на сите претходни шампиони. Позлатениот пехар е висок 46 см, со дијаметар од 19 см, со натпис „Сеанглиски тениски клуб“ и со изгравирано име на победникот, како и датумот.
Трофејот за жените победнички на Вимблдон, познат како „Венус Роузвотер“, е сребрена „чинија“ со делумна позлата, со дијаметар од 46 см, украсена со митолошки дизајн. Тој трофеј се доделува од 1886 година, а го изработила фирмата „Елкингтон и компанија“ од Бирмингем. И покрај тоа што изгледа уникатно, тоа всушност е копија на металната плоча на Германецот Каспар Ендерлејн, која сама по себе е модел за калапи од 16 век на францускиот резбар Франсоа Брио. „Чинијата“ има женска фигура седната во средината на плочата, со ламба во едната и со бокал во другата рака. Таа е опкружена со четирите елементи (земја, вода, воздух, оган), а на рабовите се седумте либерални уметности: граматика, реторика, логика, геометрија, аритметика, музика и астрологија.
Пред десет години снемало простор за испишување нови имиња на шампионите на пехарот за мажите, поради што бил додаден црн постамент, дизајниран да го држи пехарот. За гравирањето на трофејот е задолжен Роман Золтовски, кој секоја година доаѓа од Полска и ги испишува имињата на освојувач(к)ите на сите 48 трофеи, за што му се потребни околу 18 минути, за секого поединечно.
Ананас на врвот на пехарот
На врвот од пехарот за победникот во машка конкуренција на тенискиот гранслем-турнир во Вимблдон е изрезбан ананас. Една теорија вели дека тоа е поврзано со традицијата на капетаните на британските бродови да ставаат ананас на најистакнатото место откако ќе се вратат на копно. Во минатото ананасот бил реткост, многу баран производ и се смета дека поради тоа стекнал завиден социјален статус.
– Во 17 век, ананасот не можел да се одгледува во Велика Британија и морал да се увезува, па затоа кога ќе се понудел на некоја свеченост тоа се сметало за голем комплимент – напиша „Дејли експрес“.
Роџер Федерер стигна до рекордни 350 гранслем-победи
Осумкратниот шампион на Вимблдон, Швајцарецот Роџер Федерер, се пласира во 17-то осминафинале, со рекордната 350-та победа на гранслем-турнирите, победувајќи го Лукас Поиј од Франција, со 7-5, 6-2, 7-6.
– Убави бројки навистина, убаво е кога се победува толку многу. Уживав во моите настапи на гранслем-турнирите – изјави Федерер, чиј следен противник е Матео Беретини од Италија.
Неговиот голем ривал и двократен шампион на Вимблдон, Шпанецот Рафаел Надал, имаше полесна задача од претходниот натпревар против Ник Киријос, совладувајќи го во три сета францускиот ветеран Жо-Вилфрид Цонга, со 6-2, 6-3, 6-2.
Леснотијата со која Надал се пласира во четвртата рунда по деветти пат, кај жените ја повтори Австралијката Ешли Борти, која убедливо ја совлада Британката Хариет Дарт, со 6-1, 6-1. Последна Австралијка победничка на Вимблдон е Ивон Гулагонг, во 1980 година.
Седумкратната шампионка, Американката Серена Вилијамс (37), која по 16-ти пат е меѓу најдобрите 16 и атакува на 24-та гранслем-титула (колку што има Маргарет Корт), во 3-то коло ја елиминира Германката Јулија Гергес, во два сета, со 6-3, 6-4.