Австриецот Марсел Хиршер третпат победи на ноќниот слалом од Светскиот куп (СК) во скијање во Шладминг, пред околу 50.000 гледачи. За Хиршер (29), седумкратниот победник во СК, кој триумфира на 12 од последните 16 слаломски трки, ова беше 10-та победа сезонава (на пет од девет слаломски трки), 32. во слалом во кариерата, вкупно 68. во СК (и 135 искачувања на победничкиот подиум), 18 помалку од рекордните 86 на Швеѓанецот Ингемар Стенмарк. Хиршер втора сезона по ред забележува двоцифрен број победи (во сезоната 2017/2018 победи на 13 трки).
Викендов се возат две трки, во велеслалом и во спуст, во Гармиш-Партенкирхен, по што ќе следува Светското првенство во алпско скијање во Оре, Шведска, кое почнува во вторник.
Хиршер води во дисциплините слалом и велеслалом со 676, односно со 540 поени, како и во генералниот поредок со 1.216 поени и е на најдобар пат повторно да биде најдобар во Светскиот куп.