Фрум досега четири пати победи на Тур де Франс и сака да им се придружи на четворицата легендарни велосипедисти што по пет пати триумфирале на славната трка низ Франција – Анкетил, Ино, Меркс и Индураин
Британецот Крис Фрум (33) нема да ја брани титулата на Џиро д’Италија годинава, туку ќе се фокусира на Тур де Франс, за да стане петтиот велосипедист што победувал на пет Тура. Фрум, кој победи на Тур во 2013, 2015, 2016 и 2017 година, посакува да им се придружи на четворицата легендарни велосипедисти што по пет пати триумфирале на Тур. Тоа се Французите Жак Анкетил (1957, 1961, 1962, 1963 и 1964 година) и Бернар Ино (1978, 1979, 1981, 1982, 1985), Белгиецот Еди Меркс (1969, 1970, 1971, 1972, 1974) и Шпанецот Мигел Индураин (1991, 1992, 1993 1994 и 1995-та).
Доминацијата на Фрум на Тур лани ја прекина неговиот тимски колега, Велшанецот Герент Томас (32), кој, исто така, нема да настапи на Џиро. Трката низ Италија, првата од трите годинешни грантур-трки, ќе се вози од 11 мај до 2 јуни, Тур де Франс од 6 до 28 јули, а шпанската Вуелта од 24 август до 15 септември. Фрум лани првпат победи на Џиро, благодарение на спектакуларното 80-километарско соло-бегство во 19-та етапа.
– Не беше воопшто лесно да се донесе одлука за прескокнување на трката во Италија. Имам неверојатни спомени од минатата година, но бидејќи Тур де Франс ми е главна цел, веројатно е подобро да го прескокнам Џиро д’Италија годинава. Доаѓам до точка во мојата кариера кога почнувам да размислувам за тоа каков вид наследство сакам да оставам зад себе. Доколку победам петти пат на Тур, ќе ѝ се приклучам на малата но елитна група велосипедисти, што би било неверојатно постигнување – изјави Фрум.
Во отсуство на Фрум и на Томас, тимот на Скај на Џиро ќе го предводи Колумбиецот Еган Бернал (21).
– Џиро е трка што многу ми се допаѓа. Живеев три години во Италија, имам многу пријатели таму и навистина ми се допаѓаат италијанските навивачи. Добро ги знам патиштата и сакам да извозам добра трка – изјави Бернал. Фрум лани на Тур де Франс беше лидер на Скај, но потоа го поддржа Томас откако тој се покажа како посилен.
– Главната цел за мене ќе биде на Тур де Франс да забележам најдобар можен пласман. Ако не победев лани, веројатно ќе размислував за настап на Џиро или на Вуелта годинава, но сега, со бројот 1 на грбот, морам да бидам 100 отсто подготвен – вели Томас.