Европскиот шаховски првак од 2017 и вицепрвак од 2018 година, скопски Алкалоид, рангиран прв (просечен рејтинг 2.741 поени) на 34. Европски клупски куп (ЕКК), кој се одржува во Порто Карас, Грција, во седум кола, и Гамбит Асеко СЕЕ (кој на ланскиот ЕКК во Турција беше 19-ти), а рангиран 27-ми (2.363), почнаа успешно.
Во 1-то коло фармацевтите, со максимални 6-0, ја поразија холандската екипа Апелдорм (рангирана 61-ва), меч во кој играа и Македонците ВМ Трајко Недев и ИМ Филип Панчевски, додека во 2-то коло со убедливи 5,5-0,5 славеа над израелскиот клуб Решовот (рангиран 25-ти). Во вториот дуел, освен Украинецот Павел Елјанов, кој освои половина поен, другите петмина шахисти победија.
Гамбит Асеко СЕЕ, пак, во 1-то коло со 5-1 славеше над Белите витези од Велс. Единствено загуби ИМ Богдан Подлесник на 5-та табла, додека во 2-то коло одиграа 3-3 со грчки Тесалоникис (рангиран 17-ти), цел поен освоија ИМ Никола Николовски и Дејан Динев.
– Имавме искусен и силен противник, кој беше мотивиран да ја постигне првата победа против нас. Но со сериозен пристап, и покрај тоа што бевме фаворити, не смеевме да се опуштиме, туку, напротив, овој дуел го добивме на високо ниво – вели ВМ Трајко Недев.
Вчера се играше 3-то коло, а македонските клубови добија германски ривали. Алкалоид играше со Вередер од Бремен (рангиран 10-ти), додека Гамбит Асеко СЕЕ со Ауфаерс (рангиран 16-ти).
Во машка конкуренција настапуваат 61 екипа од 47 држави (107 ВМ, 2 ЖВМ, 82 ИМ, 3 ЖИМ, 75 ФМ, 1 ЖФМ). Поединечно прв е рангиран светскиот првак, Норвежанецот Магнус Карлсен (2.839), додека првата табла на Алкалоид, Кинезот ВМ Лирен Динг (2.804) е рангиран четврти.
Карлсен победува и во куси панталони!
На ЕКК во Порто Карас игра и актуелниот светски првак и шахист со моментно највисок рејтинг (2.839), Норвежанецот Магнус Карлсен (27), кој ги брани боите на норвешката екипа Валеренга (рангирана петта), кој, пак, на 9 ноември во Лондон ќе има меч за титулата светски првак со Американецот Фабијано Kаруана. Карлсен во 1-то коло не настапи, а во 2-то го победи на првата табла рускиот ВМ Владимир Поткин (ШК Малодежка). Интересно е тоа што Карлсен дојде на дуелот во куси панталони, нешто што претседателот на Европската шаховска унија (ЕЦУ), Зурап Азмајпаташвили, не го дозволуваше на вакви значајни натпреварувања и настојуваше од шахистите да бидат пристојно облечени. Но, сепак, Карлсен е Карлсен!