Во спортската сала „Автокоманда“ во Скопје, во организација на КК Металург, денеска со почеток во 10.30 часот, по 37-ми пат ќе се одржи најстариот карате-турнир во Македонија „Никола Грдановски-Нике“. Турнирот на кој годинава ќе настапат кадети, јуниори и постари јуниори (до 21 година) во дисциплините кати и борби во машка и во женска конкуренција, се одржува во чест на прерано починатиот истакнат македонски каратист, еден од основачите, тренер и меѓу првите членови на КК Металург, Никола Грдановски-Нике, кој прерано починал во 1979 година.
КК Металург е формиран во 1969 година во рамките на тогашниот Центар за спорт и рекреација при „Рудници и железарница – Скопје“ и во него во минатото тренирале голем број истакнати каратисти, како што се Драган Андоновски, Хари Ефтимовски, Горица Петрушевска, Александар Туфекчиевски, Јосиф Велковски, Бранко Здравковски, Мирче Јанушевски и многу други.