Над 150 учесници од Македонија и десетина од соседна Албанија учествуваат на петтата велосипедска тура „Тур де Галичица“ што утрово почна од Плоштадот во Ресен и ќе се вози по падините на планината Галичица во должина од 68 километри.
Присутните ги поздрави градоначалникот на општина Ресен Живко Гошаревски, кој им посака на учесниците да уживаат во природните убавини и благодетите на природата.
– Регионалната тура „Тур д Галичица“ ги зближува љубителите на велосипедизмот и пешачењето и придонесува за јакнење на спортскиот дух кај учесниците, особено кај младите кои се активно вклучени во овој настан. Се надевам сите ќе понесеме позитивни впечатоци и ќе уживаме во благодетите на природата и природните богатства, а истовремено ќе го зајакнеме и сопственито дух, истакна Гошаревски
Велосипедистите, како што информира за МИА Кристијан Ќулумовски од велосипедското друштво „Преспа Бајк“, ќе имаат можност да возат и седум километарска планинска тура, со цел да ги запознаат убавините на Галичица.
– Турата е во целост обележана со патокази, информативни табли и кадрони, а учесниците ќе имаат можност да уживаат во прекрасните пејсажи на Преспанското и Охридското Езеро од надморска висина од 1973 метри. Велосипедистите ги следат локални водичи, а ангажирани се и спасувачи од Црвениот крст, изјави Ќулумовски.
Настанот, кој требаше да се одржи на 17 јули, но поради потпишувањето на Преспанскиот договор беше одложен, е во организација на велоспидското друштво „Преспа Бајк“ од Ресен со поддршка од Општина Ресен и SWG (Mеѓуминистерска работна група за рурален развој од земјите на западен Балкан).