Меѓу најдобрите осум се Ливерпул, Манчестер сити, Манчестер јунајтед и Тотенхем, а по една екипа има од Шпанија (Барселона), Италија (Јувентус),
Холандија (Ајакс) и од Португалија (Порто). Ждрепката ќе биде влечена денеска
Во последните два осминафинални натпревари во Лигата на шампионите (ЛШ) во фудбал, Ливерпул го надигра и го победи Баерн на гости во Минхен со 3-1 (на првиот меч беше 0-0), а Барселона, благодарение најмногу на маестралниот Лионел Меси, кој постигна два и асистираше при постигнувањето на уште два гола (вкупно осум сезонава во ЛШ), го елиминира Лион, со победата со 5-1 (0-0 во првата средба). Барса остана непобедена и на 30-от по ред натпревар во ЛШ дома, серија што почна во септември 2013-та (27 победи и три ремија) со што беше надминат рекордот на Баерн од 29 натпревари без пораз (26 победи и три ремија) во периодот од март 1998 до април 2002 година. Барса 12-ти пат по ред успешно ја мина осминафиналната рунда.
Ливерпул, пак, по 15-ти пат е меѓу најдобрите осум во елитната европска клупска конкуренција. Во претходните 14 учества „црвените“ 10 пати излегуваа како победници. Ливерпул и Барселона им се приклучија на Манчестер сити, Манчестер јунајтед, Тотенхем, Јувентус, Ајакс и на Порто, кои претходно си обезбедија пласман меѓу најдобрите осум тима во ЛШ.
Третпат во историјата на ЛШ во четврт-финалето се пласираа четири англиски екипи. Претходно тоа се случи во сезоните 2007/2008 и 2008/2009 кога квартетот тимови го сочинуваа Ливерпул, Манчестер јунајтед, Челси и Арсенал. Лани во осминафиналната рунда имаше пет англиски екипи, Ливерпул, Манчестер сити, Тотенхем, Манчестер јунајтед и Челси, но само две се пласираа во следната рунда, Ливерпул и Манчестер сити.
Ваквата разврска значеше и крај на комплетната доминација на шпанските клубови, кои во последните седум сезони имаа по три екипи меѓу најдобрите осум и кои победуваа во последните пет сезони (четири пати Реал, 2014, 2016, 2017 и 2018 и еднаш Барселона, 2015-та). Сега честа на шпанските тимови остана да ја брани Барселона, откако актуелниот првак Реал беше елиминиран од Ајакс, а Атлетико од Јувентус.
Шпанија од сезоната 2012/2013 па до ланската редовно имаше по три тима во четврт-финалето и тоа Реал, Барселона и Атлетико. Пред доминацијата на англиските и на шпанските тимови во ЛШ, пред петнаесетина сезони, во 2004/2005 и 2005/2016 во завршницата, меѓу најдобрите осум имаше три тима од Италија, Јувентус, Милан и Интер.
Ждрепката за двојките на четвртфиналните и за полуфиналните натпревари ќе биде влечена денеска напладне во Нион. Нема привилегирани тимови и земји што значи дека е можно меѓу себе да се сретнат четирите англиски тима, а можни се и дуели што некогаш беа финалиња, како Барселона – Јувентус, Ливерпул – Јувентус, Манчестер јунајтед – Барселона, Ајакс – Јувентус…
ЧЕТВРТФИНАЛИСТИ
Ливерпул Англија
Манчестер сити Англија
Манчестер јунајтед Англија
Тотенхем Англија
Барселона Шпанија
Јувентус Италија
Ајакс Холандија
Порто Португалија