ТЕНИС – РОЛАН ГАРОС
Елиминирани 19 носители по првото коло

По комплетирањето на првото коло на престижниот француски гранслем-турнир Ролан Гарос во Париз, 19 носители меѓу тенисерите и тенисерките (од вкупно 64) го завршија својот настап на терените во Париз.
Изненадувачка беше елиминацијата на четвртиот носител и двократен финалист на Ролан Гарос (2018 и 2019 година), Доминик Тим, кој загуби од Пабло Андухар со 3-2 во сетови, иако имаше предност од 2-0. За Андухар ова е прва победа во кариерата над тенисер од првите пет на АТП-листата. Во првото коло загубија и Андреј Рублев (седмиот носител), Давид Гофин (13-ти), Хуберт Хуркач (19-ти), Феликс Агуер-Аласиме (20-ти), Дан Еванс (25-ти), Лоренцо Сонего (26-ти), Уго Хумберт (27-от), Григор Димитров (16-ти), кој поради повреда го прекина својот настап, и Милош Раониќ (17-ти), кој уште пред почетокот на 1-то коло го откажа учеството.
Кај девојките, во првото коло отпаднаа девет носителки, и тоа Наоми Осака (втора носителка, која иако победи во првото коло, се повлече од турнирот), Бјанка Андрееску (шеста), Петра Квитова (11-та, по повредата на зглобот), Гарбине Мугуруза (12-та), Кики Бертенс (16-та), Јохана Конта (19-та), Петра Мартиќ (22-та), Анџелика Кербер (26-та), а својот настап пред првото коло го откажа Алисон Риске (на 27-то место). Та.Д.


Убедливо најмногу голови беа постигнати на ЕП 1976

Од досега одржаните 15 европски првенства (ЕП) во фудбал, тоа од 1976 година, играно во СФР Југославија, останува најефикасно досега. На четирите меча во Белград и во Загреб се постигнати вкупно 19 гола (4,75 по меч). На сите четири средби беа играни продолженија, а финалето беше решено на пенали: Германија – СФРЈ 4-2, Чехословачка – Холандија 3-1 (двете полуфиналиња), Холандија – СФРЈ 3-2 (меч за третото место) и Чехословачка – Германија 2-2, на пенали 5-3 (финале). Тоа беше петто ЕП и последно на кое настапија четири селекции (од следното играа по осум).
Следно на листата според ефикасноста е ЕП 1960, со 4,25 гола по натпревар, а над три гола во просек имаше и на ЕП 1964 (3,25). Најмалку голови биле видени на ЕП 1968, по 1,4 на натпревар. Минатото првенство, во 2016 година, е 12-то според ефикасноста (2,1). Вкупната ефикасност досега на 15-те ЕП е 2,4 гола по средба (687 гола на 286 меча).


Европските првенства почнаа со најефикасниот меч во историјата

Полуфиналниот дуел на фудбалското Европско првенство (ЕП) во 1960 година во Франција, СФР Југославија – Франција, 5-4, е најефикасниот меч досега на европските првенства.
Потоа на листата на ефикасни средби следуваат три натпревари со по седум гола, шест средби со по шест погодока, 23 меча со по пет погодока итн. Дуелот на стадионот „Парк на принцовите“ во Париз, со деветте гола, беше првата полуфинална средба на првото ЕП, во кое СФРЈ поведе со 1-0, па Франција со 3-1 и со 4-2, а СФРЈ потоа направи пресврт со три гола за четири минути, за победа со 5-4.
Тоа бил и првиот воопшто меч на европските шампионати, кои до 1976 година се играа со по четири репрезентации, потоа од 1980 година со по осум, од 1996-та со по 16, а од 2016 година европските првенства се играат со по 24 селекции.