Кутиров, порано Реџепагиќ, двапати ја освојуваше титулата првак на Македонија. Учесник е на три олимпијади и на едно европско првенство. Лечиќ виновен што не стана кошаркар
Роландо Кутиров е едно од најпознатите македонски шаховски имиња. Да нема забуна кај оние што не се толку упатени во древната игра, веднаш треба да се објасни за кого се работи. Имено, кога се пробиваше во светот на шахот, неговото презиме беше Реџепагиќ. Меѓутоа, со текот на времето, а и поради новонастанатите услови во неговото семејство, дојде до промена на презимето.
– Имам и објаснување зошто го сторив тоа. Имено, моите родители многу одамна се разведоа. Јас долго време потоа го носев татковото презиме Реџепагиќ. Меѓутоа, тој имаше уште тројца синови, кои продолжија со неговото презиме, а јас решив да го земам презимето од мајка ми, Кутиров – вели Кутиров.
Шахот во минатото, можеби и поради тоа што земјата во која живеевме, Југославија, беше во светскиот врв, имаше многу приврзаници.
– Уште од рана возраст, некаде кога имав четири години, благодарение на чичко ми Сафет, почнав да играм шах. Тој беше мојот прв учител. Но ако не беше кошаркарскиот тренер Лазар Лечиќ, најверојатно ќе бев кошаркар. Имено, паралелно со шахот тренирав уште два спорта, карате и кошарка, а повремено играв и фудбал. Во двата бев успешен, но откако многу се загреав за кошарката, каратето остана во втор план. И во моментите кога мислев дека го имам одбрано вистинскиот спорт, дојде до големо разочарување кај мене. Иако веќе имав обезбедено место во младинската екипа на Работнички, која ја водеше легендарниот Стерули Андоновски, популарно наречен Дули, дојде момент кога морав да го напуштам кошаркарскиот терен. Тогаш Лечиќ правеше една селекција. Кога дојде кај мене и кога му кажав колку години имам и колку сум висок, откако ги виде моите стапала ми рече – ти не си за кошарка, најдобро е да си најдеш некој друг спорт. Објаснувањето му беше дека повеќе нема да растам, тоа наводно го виде од стапалата. Се збогував со кошарката и добро е што навреме го сторив тоа – ја продолжува својата приказна Кутиров.
Триумф на Универзијадата
Роландо Кутиров на 16 години се зачленува во ШК Борец, каде што грижата за клубот беше на грбот на неуморниот шаховски работник Никола Куцоминов.
– Просториите ни беа во поранешниот инвалидски дом. Таму се собираа и млади, но и постари шахисти. Во една убава и здрава средина, во која доаѓаа и тогаш познатите македонски шахисти, имав шанса и јас да се развивам и да напредувам – вели Кутиров.
Потоа доаѓа периодот кога Кутиров (тогаш Реџепагиќ) го прави првиот исчекор и веќе е интересно име за кое се зборува во шаховскиот свет.
– Кога се формира ШК ФЦУ 55, во кој главен носител на активностите беше Митре Иљовски, и јас бев на неговиот список на засилувања. Покрај мене, тука беа подоцна многу познатите шахисти Иван Кочовски, Љубиша Андоновски (кој беше и шаховски ТВ-коментатор), Петковски, веќе афирмираниот Танчев и уште неколкумина постари шахисти. Оваа екипа најголемиот успех го постигна со освојувањето на првото место на Универзијадата во 1983 година. Се сеќавам на многу партии од таа Универзијада, на која водевме жестока борба со селекцијата на Нови Сад. На крајот бевме поуспешни и први минавме низ целта. Тоа беше голем стимул за сите нас да продолжиме уште поангажирано и поамбициозно. Повеќе немаше бегање од шахот, на некој начин тој стана моја професија. Дури подоцна видов дека, барем во наши услови, од играњето шах не може да се егзистира. Иако еден подолг период играјќи на многу турнири освојував и парични награди, тоа не беше толку сигурно за да може да се решам да се откажам од другите бизниси, кои ми носеа поголема егзистенцијална сигурност – истакнува Кутиров.
Патот до титулата велемајстор
Роландо Кутиров веќе станува препознатливо име во шаховскиот свет и е интересен за многу клубови. Во тој период големиот шаховски ентузијаст Круме Митковски, кој беше повеќекратен првак на Македонија за слепи шахисти, во рамките на работната организација „Фонографика“ формира и шаховски клуб.
– Тој нѐ собра најдобрите, јас бев предводник на тој тим, кој имаше максимални услови за тренинг. Во ШК Фонографика беше создадена прекрасна атмосфера, а како резултат на тоа и квалитетот со кој располагавме, неколку години ги освојувавме екипниот шампионат и Купот на Македонија.Тоа беа ѕвездените мигови во мојата кариера. Во 1984 година на турнирот во Приштина го освоив и првиот бал за интернационален мајстор, кој го потврдив на турнирот во Лоѓ, Полска. Така, по Ничевски и Софревски, станав третиот македонски шахист со титулата интернационален мајстор – вели Кутиров.
Во 1985 година Кутиров го освојува третото место на квалификацискиот турнир и заедно со најголемиот другар Јачимовиќ учествува на шампионатот на Југославија.
-Тоа беше голем успех за двајцата, зашто многу тешко се доаѓаше до поединечните првенства на Југославија. Во тоа време најмалку престојував дома, а најмногу на турнирите надвор од границите на нашата држава, најмногу во Полска. Дури го научив и полскиот јазик – вели Кутиров.
Напредокот на Кутиров резултира со освојувањето и на првата титула на сениорските шампионати на Македонија.
– Тоа се случи во 1988 година, кога го делев првото место со Софревски, но јас имав подобар скор во партиите и бев прогласен за првак. Потоа во мојата кариера се случија многу убави работи. Заедно со Ристо Ничевски почнав да учествувам и да освојувам награди на многу турнири во Италија. Тогаш практично таа ми стана втора земја, каде што не само што настапував туку станав и тренер на Џенова. Тоа беше причина во втората година да ги напуштам студиите на Правниот факултет – додава Кутиров.
По распадот на Југославија, откако Македонија стана суверена држава, се отворија вратите нашите национални селекции да учествуваат на големите приредби. Шахистите беа меѓу првите што учествуваа на една Олимпијада, во Москва во 1994 година.
– Јас бев селектиран од Јован Софревски и така се најдов во првиот олимписки состав. Во Москва најчесто настапував на 4-та табла, а во националниот тим беа уште Митков, Јачимовиќ, Богдановски и Димовски. Инаку, 1994 година ќе ми остане како една од најплодните години во кариерата. Тогаш вторпат станав шампион на Македонија, а на силниот турнир во Неготино, кој го организира неуморниот шаховски ентузијаст Боро Михов, го освоив првиот велемајсторски бал. Него го потврдив следната година во Дупница (Бугарија), за велемајсторската титула да ми биде верификувана во 1996 година – истакнува Кутиров.
По настапот на Олимпијадата во Москва, Кутиров учествуваше уште на две олимпијади, во Ереван (1996) и во Елиста (1998), а ги бранеше боите на Македонија и на Европското првенство во Пула во 1995 година.
Од 2000 година е вклучен во структурите на Шаховската федерација на Македонија. Истата година беше селектор на женската репрезентација, а активно учествуваше во стручниот штаб кога нашиот машки состав на Олимпијадата во Истанбул го освои 7-то место. Во моментов Роландо Кутиров, освен што е член на УО на ШФМ, е и селектор на машкиот сениорски тим на Македонија. Нема сомнение – живот посветен на древната игра.
Роландо Кутиров
Роден: 1962 година во Скопје
Кариера: ШК Борец, ФЦУ 55, Фонографика, Стево Балто, БМ Кисела Вода
Успеси: шаховски велемајстор со две титули првак на Македонија
Тренерска кариера: селектор на женската и на машката сениорска репрезентација на Македонија