Фото: Дарко Андоновски

Главни фаворити во двете конкуренции ќе бидат тркачите од Кенија и од Етиопија, меѓу кои за македонската спортска јавност најпозната е Гледис Бивот, победничката од 2016 година и третопласирана во 2017-та, вели директорот на маратонот, Кире Синадиновски

На годинашниот 15-ти по ред Скопски маратон, кој ќе се одржи на 4 мај, ќе има рекордна бројка од над 11.000 учесници (лани трчаа повеќе од 10.000) од 56 земји од светот (две помалку од минатата година), соопштија организаторите по истекот на вчерашниот рок за пријавување, на нешто помалку од две недели до почетокот.
Низ улиците на Скопје ќе се трча класичната маратонска трка (40.195 метри), потоа полумаратон (21.095 м.), штафетниот маратон (четири натпреварувачи од ист пол или мешан тим, по двајца) и ревијалната трка на пет километри. Новина годинава, освен променетиот ден (сабота, наместо недела, поради вториот круг од претседателските избори), е и тоа што тркачите ќе го заобиколат плоштадот и нема да поминуваат преку Камени мост.

– Ваквите моравме да ги прифатиме, прво поради изборите, потоа поради претстојната посета на папата Франциск на 7 мај. Плоштадот ќе биде затворен за тркачите, па стартот и целта ќе бидат пред Собранието на Македонија, потоа се трча по старата траса, низ центарот на градот, па десно кон Владата, потоа по булеварот Илинден до Ѓорче Петров, па по булеварот Теодосиј Гологанов, кон населбата Јане Сандански и пак назад до Центар – вели директорот на маратонот, Кире Синадиновски.

Стартот на трката е закажан за 8.30 часот, а крајот на настанот е 14 часот. Годинава ќе нема познато име во својство на промотор на маратонот, а ќе изостанат и позвучните маратонски имиња меѓу натпреварувачите.

– Главни фаворити во двете конкуренции ќе бидат тркачите од Кенија и од Етиопија, меѓу кои за македонската спортска јавност најпозната е Гледис Бивот, победничката од 2016 година и третопласирана во следната, 2017-та. Од другите имиња, за истакнување е Србинката Теодора Симовиќ, чиј личен рекорд изнесува 2:39,34 часа (истрчан во февруари годинава – н.з.) и која може да им ги расипе сметките на маратонките од Кенија и од Етиопија. Од македонските претставници, кај жените за очекување е Адријана Поп Арсова (лани беше трета – н.з.) да атакува на нов личен и државен рекорд (трчаше 2:59,43 часа во Подгорица лани), а кај мажите најверојатно рекордот на Трпе Мартиновски од 2000-та (2:25,06 часа) ќе остане несоборен уште некоја година – вели Синадиновски, додавајќи дека по булеварите и по улиците каде што ќе минуваат тркачите ќе има над 20 „забавни точки“ со диџеи за анимирање на гледачите.

На патеката, која е според сите стандарди пропишани од Асоцијацијата на светски маратони (АИМС), ќе може да се „бркаат“ и времиња за олимписка норма. За маратонците таа изнесува 2:11,30, а за маратонките 2:29,30 часа.
Рекордери на Скопскиот маратон се од Кенија, двократниот победник (во 2016 и 2017 г.) Кируи Кипротич, од 2016 година (2:12,36 часа), кај мажите, односно Стела Барсосио од 2017-та (2:33,42 часа) кај жените. Наградниот фонд годинава ќе изнесува околу 17.000 евра.


КАТЕГОРИЈА ЛОИ РЕКОРД
Мажи 2:11,30 ч. 2:12,36 ч.
Жени 2:29,30 ч. 2:33,42 ч.