Избраниот тим шаховски ветерани, предводени од велемајсторот Драгољуб Јаќимовиќ во својство на капитен, ја совладаа со 8,5-3,5 македонската репрезентацијата на слепи и слабовидни шахисти, предводена од капитенот Коце Димов. Двомечот се одигра во Скопје, со темпо на размислување од 50 минути плус 10 секунди за секој одигран потег, по иницијатива од ветераните, а во организација на ШК 13 Ноември.
Во првиот меч ветераните славеа со 4-2, а во вториот со 4,5-1,5. За ветераните играа ИМ Димитар Илиевски, ФМ Љубомир Хаџи–Mанев, Илија Стошевски, ФМ Љубомир Илиќ, ФМ Александар Кралевски, Миле Трајковски и Мирослав Ивановски. За селекцијата на слепи и слабовидни шахисти настапија Жарко Селковски, Зоран Костадиновски, Мусли Пајазити, Хамди Џемаил, Блаже Атанасовски и Лиман Лимани.
– Шаховските ветерани на Македонија, кои наскоро ќе формираат и шаховски клуб, ја поддржуваат ваквата иницијатива за одигрување пријателски мечеви, за репрезентацијата на Македонија за слепи и слабовидни шахисти да биде што поподготвена пред настапите на големите натпреварувања, како што се европските и светските првенства и шаховски олимпијади – вели Стошевски. Г.И.