Третата годинашна гран-тур велосипедска трка (по Џиро д’Италија и Тур де Франс), 73-та Ла Вуелта, или Околу Шпанија, ќе стартува денеска од Малага, 25 август, и ќе трае до 16 септември. Во тој период 176 возачи од 22 тима во 21 етапа ќе треба да извозат 3.275 км до крајната цел во Мадрид.
Лидерот во генералниот поредок на Вуелта, по традиција, носи црвена маичка (на Џиро е во розова, а на Тур во жолта), најдобриот на ридските етапи е во бела, а тој со најмногу поени е во зелена маичка. Шпанецот Роберто Ерас е најуспешниот на Вуелта, со четири победи, а по три имаат Алберто Контадор и Швајцарецот Томи Ромингер. Шпанија е најуспешната земја, со вкупно 32 победи, пред Франција со девет.
Од врвните имиња на Вуелта, првпат по 2010-та, ќе ги нема ланскиот победник, Британецот Крис Фрум, и миленикот на шпанските навивачи, сега пензионираниот Алберто Контадор. Покрај нив, ќе го нема и годинашниот победник на Тур, Велшанецот Герент Томас.
Но затоа ќе има четворица поранешни победници, Алехандро Валверде (во 2009-та), Винченцо Нибали (2010), Фабио Ару (2015) и Наиро Кинтана (2016-та). Покрај нив, шанси за триумф годинава им се даваат и на Ричи Порт, Ригоберто Уран, Сајмон Јетс, Рафал Мајка, Тибо Пино, Дан Мартин итн.
Победникот на Вуелта ќе добие помалку пари од победниците на Џиро (200.000) или на Тур (500.000), односно 150.000 евра, второпласираниот 57.000, а третопласираниот 30.000 евра. Етапната победа се наградува со 11.000 евра, а парични бонуси добиваат најдобрите на планинско-ридските етапи, како и тие што ќе освојат најмногу поени итн.