Каков и да е крајниот епилог од настапот на новите спортски јунаци на ЕП, дали кон Франција на меч од осминафиналето или назад во Македонија, изминативе денови беа денови кога спортот повторно нѐ обедини, кога повторно стискавме палци, кога постоеше едно срце, кога се радувавме, а Македонија пак беше во епицентарот на големите европски спортски збиднувања, а во арената „Стожице“ во Љубљана ечеа зборовите „Македонија, Македонија“
Македонските одбојкари со прикажаното на Европското првенство (ЕП), без разлика дали се пласирале во осминафиналето, повторно всадија оптимизам, проткаен со радост, која толку ни е потребна во ова време на големи исчекувања. Двете последователни победи над соодветните селекции на Белорусија и над домаќинот Словенија само покажаа дека кога се има желба за успех, тој неминовно ќе дојде, без разлика дали овој дебитантски настап на македонските одбојкари ќе биде продолжен и во осминафиналето.
Но тоа и не беше најбитното во сета оваа приказна. Многу подраго е кога од трибините во арената „Стожице“ во Љубљана ечеа зборовите „Македонија, Македонија“, кога македонските навивачи ракоплескаа и потскокнуваа од своето место за секој освоен поен на црвено-жолтите, популарните „спартанци“. Многу помило ни е кога повторно се радуваме на секој успешен смеч, блок, сервис, за секоја топка што ќе заврши во поле, за секој освоен поен, кој, пак, ја носи репрезентацијата поблиску до крајната цел. Таа цел можеби нема да биде постигната тука, но сигурно дека ќе претставува добар темел.
Нашите нови спортски херои тргнаа по примерот на македонските кошаркари, кои на ЕП во Литванија во 2011 година го освоија четвртото место, потоа македонските ракометари, кои испишаа историја со петтата позиција на ЕП во Белград во 2012 година. Одбојкарите се надградија на оваа моментна спортска еуфорија, која, пак, од друга страна, гради силна кохезија, победнички дух, кој од теренот сигурно се отсликува и во обичниот живот.
Каков и да е крајниот епилог од настапот на одбојкарските јунаци на ЕП, дали кон Франција на меч од осминафиналето или назад во Македонија, изминативе денови беа денови кога спортот повторно нѐ обедини, кога повторно стискавме палци, кога постоеше едно срце, кога се радувавме, а Македонија повторно беше во епицентарот на големите европски спортски збиднувања.
Одбојкарите се нашите нови спортски херои, но и нов патоказ за тоа како треба да се бориме со сите предизвици.
Македонија си ја заврши својата работа на дебитантското Европското првенство (ЕП) во одбојка, во групата Ц во Љубљана, како што само можеше да се посака. По блескавата победа над Белорусија, прва, историска на ЕП, македонските одбојкари, предводени од феноменалниот Никола Ѓоргиев, кој повторно беше најдобар играч на мечот забележувајќи 24 поени, го изненадија и фаворитот, домаќинот Словенија, совладувајќи го со 3-1 (26-24, 30-28, 19-25, 26-24) за 134 минути игра.
„Македонија ја замолкна домашната публика“ беше насловот на извештајот на официјалната страница на Европската одбојкарска конфедерација (ЦЕВ). Во арената „Стожице“ имаше нешто повеќе од 6.000 навивачи на Словенија (вкупно 6.181, меѓу кои и неколку стотици македонски), кои громогласно ги бодреа своите миленици, но таквата атмосфера, како повеќе да им одговараше на македонските одбојкари.
– Атмосферата ни беше супер, тешко ни е кога играме во сали без публика. Како и да е, победивме многу силна репрезентација каква што е Словенија, мислам дека беше заслужено – рече плејмејкерот Филип Деспотовски.
Словенците веќе имаа забележано три победи и обезбеден пласман во следната рунда, па нивниот селектор малку и калкулираше во првиот сет во кој во првата постава ги немаше најдобрите, капитенот Тине Урнаут и Јан Козамерник, но тоа воопшто не ја намалува блескавата победа на Македонија.
– Одигравме одлично против Словенија, како и против Белорусија, не се задоволивме само со таа победа. Сево ова за мене не е изненадување, јас добро ја познавам оваа репрезентација, овие одбојкари имаат големо срце, душа, имаат сѐ што е потребно за успех. Во ваква прекрасна атмосфера Македонија не може да игра лошо, напротив. Ние може да одиграме лошо само во празна сала – изјави капитенот Ѓоргиев.
Без разлика каква ќе биде разврската по мечот Турција – Финска, кој решаваше дали Македонија, покрај Русија, Словенија и Турција ќе ги продолжи натпреварите на ЕП, одбојкарите заслужуваат само честитки. На првите три меча, против Финска, Турција и против Русија играа во грч, неискуството поради неиграњето на вакви врвни натпреварувања си го стори своето. Против Белорусија и против Словенија како да играа други одбојкари, полни со самодоверба, желба за победа, за докажување (себеси и на опонентите) и максимално мотивирани.
Никола Ѓоргиев одигра капитенски, врвно, блескаше на двата последни меча во групата и тоа во период пократок од 24 часа меѓу двете средби. Беше најдобар поентер против Белорусија (37 поени) и против Словенија (24 поени). Кога беше најпотребно се разиграа и Александар Љафтов, Владо Милев, блокерите Филип Маџунков и Ристо Николов, плејмејкерот Филип Деспотовски, кој мораше да ги преземе и обврските на Ѓорги Ѓоргиев, кој, пак, имаше проблеми со стомачниот мускул. Либерото Дарко Ангеловски беше на највисоко ниво, одличен во секој поглед, како и другите што имаа помала минутажа.
– Чувството е неверојатно. Претходно имавме тежок меч против Белорусија, не заспавме до четири, пет часот утрото. Но, ете, издржавме, победивме силна репрезентација, никогаш не сум играл против посилни сервери. Дадовме максимум, многу си ја сакаме нашата земја и се обидуваме да ја претставуваме на најдобар можен начин – рече Ангеловски.
Турција си го резервира билетот за осминафиналето со победата над Белорусија со 3-1 (25-21, 26-24, 20-25, 25-19), втора на четирите натпревари на ова ЕП. Г.И.;Л.Д.
Матијашевиќ: Заслужена победа против фаворит за медал
Сјајно. Ја заслуживме оваа победа, иако сите сетови ги добивме на разлика. Одлучи поголемата желба, волјата. Словенија е квалитетна селекција, според мене, еден од фаворитите за медал. Веројатно очекуваа дека полесно ќе дојдат до победата, но не верувам дека нѐ потценија. Малку се опуштија, мечот го почнаа без двајца главни играчи од првата постава, но тоа не ја намалува вредноста на нашата победа. Ме радува што првпат имавме повеќе блокови од противникот (14-10 – н.з.), бидејќи се знае дека во тој сегмент не сме баш најдобри. Треба да се истакне дека двете победи ги постигнавме на четвртиот и на петтиот меч, што значи дека физички сме одлично подготвени. Генерално, ако се осврнам на петте меча, мислам дека не би менувал многу, не знам, допрва ќе правиме анализа, се случија многу работи. Би сакал сега да слушнам што ќе кажат оние што нѐ критикуваа по првите натпревари, вели селекторот на одбојкарската репрезентација на Македонија, Никола Матијашевиќ.