Во квалификациски реванш-меч за ЕП, Македонија на гости ѝ се реваншира на Швајцарија за поразот во Скопје, совладувајќи ја со 3-2 во сетови (25-21, 25-19, 15-26, 23-25, 15-12) и моментно е втора во групата Ф
Македонската машка одбојкарска репрезентација ја забележаа втората, но мошне значајна победа во рамките на 4-то квалификациско коло, група Ф, за пласман на финалниот турнир на Европското првенство (ЕП) 2019 година, откако во возвратниот дуел ѝ се реваншира на Швајцарија, за поразот во Скопје, совладувајќи ја со 3-2 во сетови (25-21, 25-19, 15-26, 23-25, 15-12). Со овој триумф, избраниците на селекторот Никола Матијашевиќ, успеаја да останат во игра за обезбедување на второто место во групата што, пак, обезбедува пласман на ЕП идната година, а чија завршница ќе се одржи во четири држави, Франција, Холандија, Белгија и Словенија.
Очигледно жолто-црвените не можат без драматика во овие квалификации, бидејќи ова им беше четврти дуел како го играат во пет добиени сета, а трет како поведуваат со 2-0. Најдобар поединец на мечот беше капитенот на Македонија, Никола Ѓорѓиев, кој повторно одигра маестрално, забележувајќи 33 поени. – Исцрпени сме, но и среќни поради победата во нашата група, која сметам дека е многу тешка. Ова е трет дуел во кој водевме со 2-0 во сетови, а сепак мораше да играме вкупно пет. Но, игравме и победивме со нашите срца.
Сепак, мораме понапорно да работиме на психички план, за да не дозволуваме ваква убедлива предност на крајот да ја испуштаме. Нашите навивачи создадоа неверојатна атмосфера и ни помогнаа во петтиот сет, па во Шеневерд изгледаше како да играме на свој терен. Многупати сме пропуштале големи настани како што е ЕП, само поради еден бод или помалку, сега конечно сакаме да стигнеме до ова ЕП – не го криеше своето задоволство капитенот Никола Ѓорѓиев. Македонија почнаа одлично, сѐ функционираше како што треба, почнувајќи од нападот, смечот, блокот над мрежата што резултираше со водство од 2-0.
Но потоа следуваше пад во играта, а тоа го искористи домаќинот за да израмни на 2-2, за нова неизвесна завршница. Во решавачкиот тај-брејк, предводени од Ѓорѓиев, македонските одбојкари повторно заиграа како што умеат, имаа и на двапати водство на почетокот (4-1 и 8-4), што на крајот резултираше да слават. Во вториот дуел од ова коло Украина на гости ја победи Унгарија со 3-1, што и оди во прилог на Македонија. Пред одигрувањето на последните два меча, Македонија моментно има шест бода, а 10-10 сет-разлика и е втора зад Украина, која има шест, трета е Швајцарија со четири, а последна Унгарија со три бода.
Следува пауза до јануари следната година, кога на програмата се двата решавачки дуела за пласман на ЕП. На 5 јануари на гости Македонија игра со Украина, а на 9 истиот месец во Скопје против Унгарија. Првопласираната од оваа и од другите шест групи ќе се најде на завршниот турнир на ЕП, плус петте второпласирани селекции со најдобар скор во дуелите со третопласираните селекции во групите.