Спасувачката акција за пронаоѓање на бугарскиот алпинист Бојан Петров, кој во почетокот на мај исчезна на Хималаите, при искачувањето на врвот Шишапангма (8.027 метри), заврши, за жал, неуспешно, објавија медиумите во Бугарија.
– Бог да го прости Бојан. Вчера направивме уште еден лет на 7.400 метри, над кампот 3, со тим од тројца, го прелетавме и базниот камп од сите страни. Времето беше сончево, ни помогна во обидот да го пронајдеме Бојан. За жал не го најдовме, но сега можеме да си заминеме знаејќи дека сторивме сѐ што можевме – напиша на Фејсбук неговиот сонародник Кирил Петков, кој беше со Петко Петков во спасувачката акција во Непал.
Тој лет беше последната шанса спасувачкиот тим да открие какви било траги од Петров, кој исчезна на 3 мај на височина од околу 7.500 метри.
Бојан Петров е еден од најпознатите бугарски, па и светски високогорци, алпинисти и планинари. Тој има искачено 10 од вкупно 14-те врва на височина од над 8.000 метри на Хималаите.
Претпоставките се дека Петров паднал во некој процеп, односно пукнатина во мразот покриен со снег, поради што не успеала акцијата за негово лоцирање.