Верувам дека ќе бидам дел од репрезентацијата на Македонија што ќе настапи на СП во Чиле, а за таму, покрај резултатите од Умаг, ќе одлучува и пласманот на Државното првенство во септември, вели каратистот на Металург, Александар Неделковски
Младиот и талентиран каташ Александар Неделковски (17), кој веќе пет години е член на карате-клубот Металург, постигна одличен успех на неодамна завршената Младинската светска карате-лига во Умаг, Хрватска, каде што го освои одличното петто место. Успехот е уште поголем ако се знае дека во кати не располагаме со потенцијал како оној во борби.
– Задоволен сум од мојот настап во Умаг, иако очекував да освојам медал. И покрај многу силната конкуренција, успеав да имам четири борби на татамите и на крајот да завршам како петти. Во првата група го освоив четвртото место (23,2 поени – н.з.), во вториот круг бев втор, веднаш зад претставникот на Јапонија (24,12 поени), во третиот круг, кој наедно беше и полуфинале, завршив повторно втор (25,32), исто така зад јапонскиот каташ, со што влегов во борбата за бронзен медал. А, таму, против репрезентативецот на Италија, за жал, не успеав да бидам трет. За медал можеби ми недостигаше малку повеќе концентрација, но мора да се признае дека противникот воопшто не беше лесен – вели Неделковски, кој веќе 11 години тренира карате.
Според него, успехот во Умаг е збир на повеќе успешни фактори.
– Успехот во Умаг се должи на напорните и континуирани тренинзи што ги имав со мојот тренер Мирче Јанушевски, потоа условите што ми ги нуди мојот клуб Металург, како и тренерот Марко Секуловски. Секако, тука е и големата поддршка што ја добивам од моите родители – вели Неделковски.
Александар, кој е дел од проектот „Спортска надеж 2014“, финансиски поддржуван од Агенцијата за млади и спорт, смета дека ќе настапи на претстојното Светско првенство (СП) за кадети, јуниори и за постари јуниори (до 21 година) во Сантијаго (Чиле) во октомври и дека таму ќе се бори за еден од медалите.
– Верувам дека ќе бидам дел од репрезентацијата на Македонија што ќе настапи во Чиле, но за таму, покрај резултатите во Умаг, ќе одлучува и пласманот на Државното првенство во почетокот на септември – појаснува тој.
Неделковски искоментира и зошто се решил да тренира кати, а не борби.
– Како мал вежбав и кати и борби, но со мојот тренер Јанушевски, сепак, се одлучивме да продолжам во кати. Сите кати ми се омилени, а особено тие пет што и најмногу ги подготвувам за натпреварите. Во иднина секако дека очекувам да имам уште многу подобри изведби на татамите. Желба во спортското карате ми е да освојам олимписки медал, а моментна да се закитам со медал на претстојното СП во Чиле – вели големата надеж на македонското ката-натпреварување.
Неделковски вкупно десет години бил државен првак во кати во кадетска и во јуниорска конкуренција, а може да се пофали и со бронза (јуниори) и сребро (кадети) од балканијадите, седмо место на кадетското ЕП во Сочи лани, петто место во Младинската јуниорска лига во Умаг и други. Годинава, пак, на ЕП стигна до полуфиналето, беше седми на Медитеранското првенство во Анталија, петти на Балканското првенство, а на силниот меѓународен карате-турнир „Гранпри Кроација“, во конкуренција на 1.397 натпреварувачи од 24 држави, Неделковски освои сребро во сениорска и бронза во јуниорска конкуренција.