Сите врвни тенисери користат анализирани податоци, но не сакаат многу да зборуваат за тоа, вели Германецот Александар Зверев. Спортската аналитика прво се појави во бејзболот во 90-тите години од 20 век, а ваквиот начин на работа се применува и во НБА, фудбалот…
Дата-аналитиката (или научно пресметување нумерички статистички податоци) последниве години сѐ повеќе е застапена во спортот. Врвните фудбалски клубови ангажирањето на засилувањата, како и регрутирањето млади таленти, го базираат на податоците како што се бројот на истрчани километри, процентот на прецизни додавања, ударите на гол и некои други, на прв поглед, небитни работи што се случуваат за време на натпреварите. Во тенисот такво нешто почнаа да користат врвните играчи, со што стекнуваат дополнителна предност пред ривалите. Во машкиот тенис во тек е тајна револуција на дата-податоци, пишува британскиот „Дејли телеграф“.
– Сите врвни тенисери користат анализирани податоци, но не сакаат многу да зборуваат за тоа. И јас ги користам, тоа е голем дел од играта во моментов. Тоа ми помогна при подготвувањето план за мечот, индивидуално за секој противник. Тоа многу ми користеше на завршниот мастерс-турнир – изјави за „Дејли телеграф“ Германецот Александар Зверев.
Водечки агенции на овој растечки пазар се „Тениска статистика“ и „Златен сет аналитика“ (ЗСА). Тие сега се префрлаат и на женскиот тенис, каде што тој вид обработка на податоци уште не е во голем подем. На својата веб-страница ЗСА вели дека „е водечка тениска компанија за анализа во светот. Предводена од економисти, математичари, статистичари и поранешни играчи обучени на ’Харвард’, ’Јејл’, ’Стенфорд’, Универзитетот во Калифорнија, Сан Диего и во странство, компанијата создаде статистички и пресметковни модели и софтверски алгоритми што обезбедуваат револуционерни стратегии за професионалци, за колеџ и за помлади тенисери“.
Тактичката анализа е присутна подолго време, но со новите техники се добива подлабоко ниво на софистицираност, кое е признаено и ценето од најдобрите тренери. Една од популарните идеи е „статистичко дрво“, кое покажува каде играчот ќе го удри топчето од секоја позиција на теренот. Овие податоци им овозможуваат на играчите да имаат предност на теренот во однос на противниците. Но некои велат дека е подобро да им се советува на тенисерите да се фокусираат на сопствената игра и на нејзиното унапредување, наместо да ги комплицираат веќе тешките ситуации како што се како да го удрат топчето при брзина од 100 км/час, пишува „Дејли телеграф“.
– Кога луѓето ги гледаат врвните играчи, Роже, Рафа или Новак, мислат дека нивните резултати се базираат на нивната игра. Но постои скриена игра против секој противник, при што се знаат неговите слабости и се користат за да се направи план на игра и таа да се приспособи многу повеќе отколку што ќе сфати просечниот човек.
Големата тројка го прави тоа повеќе отколку другите играчи. Другите имаат тенденција да се фокусираат на она што го прават, а не на она што се случува на другата страна од мрежата и на разбирањето на играта на противникот – вели за „Дејли телеграф“ Австралиецот Крег О’Шонеси, кој ја води веб-страницата „Брејн гејм тенис“.
Спортската аналитика првпат била употребена во американскиот бејзбол, во тимот Окланд атлетикс, со тогашниот менаџер Били Бин, во 90-тите години од 20 век. Бидејќи тимот во тој период имал помал буџет, Бин со соработниците се решил врз база на аналитички, математички и други статистички показатели да регрутира играчи и да формира успешен тим.
Ваквиот начин на работа се применувал и во американската кошаркарска НБА-лига, за последниве години да се прошири и на фудбалот, пред сите, во англиската Премиер-лига, каде што аналитиката добива сѐ повеќе на значење, особено кога станува збор за тактиката.
Според некои показатели, бројот на удари на гол надвор од 16-те метри од сезона на сезона постојано опаѓа, бидејќи статистички било утврдено оти само три отсто од тие удари (околу 4.000) завршуваат во мрежата, иако головите се атрактивни и се паметат.