Кобајаши е третиот, по Штох лани и Ханавалд во 2002 година, што во 67-годишната историја на новогодишната турнеја „Четири скокалници“ триумфира на сите четири натпревари
Младиот, 22-годишен Јапонец Роју Кобајаши си обезбеди место во историјата на скијачките скокови со триумфот на сите четири натпревари, во Оберсдорф, Гармиш-Партенкирхен, Инсбрук и во Бишифсхофен, во рамките на новогодишната турнеја „Четири скокалници“. Пред Кобајаши, во 67-годишната историја на ова натпреварување, само Полјакот Камил Штох лани и Германецот Свен Ханавалд во 2002 година победувале на турнејата со триумфи на сите четири натпревари. Тој е првиот Јапонец што победи на новогодишната турнеја, по Казујоши Фунаки во 1998 година.
Триумфот на новогодишната турнеја се смета за еднаков, па и за поголем успех од освојувањето златен олимписки медал или од освојувањето на титулата светски првак. Кобајаши се зацврсти и на лидерската позиција во Светскиот куп со 956 поени. На втората и на третата позиција на таа листа се Полјаците Пјотр Жила (529 поени) и Штох (504).
Младиот Кобајаши, кој блесна сезонава, откако претходно немаше ниту една победа во Светскиот куп (СК), беше пресреќен поради победата, но и многу скромен, велејќи дека тој уште не е на истото рамниште како Ханавалд или Штох.
– Двајцата се извонредни скокачи, јас уште не сум на нивното ниво – изјави Кобајаши, кој е висок 1,74 метар и тежок 60 кг.
Неговиот метеорски прогрес следуваше откако почна да тренира со Финецот Јане Ватаинен, што придонесе сезонава тој да победи на осум од 11-те натпревари во СК.
– Откако Роју сфати дека мора повеќе да тренира, отколку да се вози со „поршето“, почна и да победува. Инсистирав на повеќе работа, што нему не му се допаѓа многу, бидејќи сака повеќе да се забавува и да ужива во животот, но не се жали и вредно тренира – вели Ватаинен.