Нуров ја обезбеди олимписката норма на Светското првенство (СП) во Нур Сулатан (Казахстан), кое заврши вчера, откако во репасажната борба го победи со 2-1 Молдавецот Николаи Чебан, а попладнето го очекуваше и борбата за бронзениот медал со Казахстанецот Алишер Јергали
Натурализираниот македонски борач во слободен стил со дагестанско потекло Могамедгаџи Нуров (до 97 кг), e првиот македонски спортист што успеа да обезбеди олимписка норма на Летните олимписки игри (ЛОИ) во Токио 2020 година. Последен кому му успеало тоа беше кајакарот Атанас Николовски на ЛОИ во Пекинг 2008 година.
Нуров (кој со уште 12 македонски спортисти е и стипендист на МОК) ја обезбеди олимписката норма на Светското првенство (СП) во Нур Сулатан (Казахстан), кое заврши вчера, откако во репасажната борба го победи со 2-1 Молдавецот Николаи Чебан. Во борбата за бронзениот медал, пак, вчера попладне се бореше домашниот претставник Алишер Јергали. На СП Нуров во 1-то коло убедливо со 9-1 го совлада Египќанецот Хосам Мерџани, во 2-то коло Хозе Даниел Дијаз Роберти од Венецуела со 7-2, додека во четврт-финалето беше поразен со 0-6 од фаворизираниот Русин, Абдулрашид Садулаев.
До Игрите во Токио има уште околу 300 дена, квалификациите за повеќе спортови се во пол ек и ќе траат до јуни в година, а уште македонски спортисти имаат реални шанси да стигнат до посакуваната норма. Меѓу нив е и натурализираниот Македонец од словенечко потекло Лука Заложник во коњички спорт (прескокнување пречки). Од каратистите засега најдобри пласмани моментно имаат носителот на бронзен и сребрен медал од ЕП, Берат Јакупи (над 75 кг) на 29-то место со 1.455 бода (првопласираниот има 6.712,5), Азис Исмаил (до 75 кг) на 41-то место со 607,5 (5,047,5), Емил Павлов (до 67 кг) на 47-то место со 1.072,5 (5.317), Наташа Стефановска на 45-то со 622,5 бода (5.715), сите во борби, и каташката Пуликсенија Јованоска на 35-то место со 607,5 бода (7.282,5 бода), според листата за август. На ЛОИ ќе настапат по 10 најдобри во секоја тежинска категорија.
– Знам дека ќе биде неизвесно, но јас ќе се борам до последната можност да бидам дел од ЛОИ Токио 2020, што претставува и моја најголема цел. А дотогаш има уште 7-8 турнири на кои можат да се освојат доволно бодови. Ако, пак, на нив не успеам, последната шанса ја гледам на квалификацискиот турнир во Париз во мај 2020 (ќе настапат првите 50 на олимписката ранг-листа), каде што освојувачите на медали (првие три места), ќе се пласираат на ЛОИ. До крајот на годинава претстојат настапите во Москва, Мадрид, а од јануари, Чиле, Париз, Дубаи, Салзбург, Рабат, настап на ЕП и еден турнир во Премиер лигата – оптимист е Павлов, кој е двократен европски првак.
И таеквондистот Геогиевски, носителот на златен медал од ЕП за сениори во Софија во 2017г., е голем оптимист за настап во Токио.
– Моментно во светот сум на 22-то место, а на олимпиското рангирање на 38-то. Ме очекуваат повеќе натпревари од т.н. Г-класа каде што се собираат бодови, а ми претстои и ЕП во ирскиот град Даблин. Се разбира, и понатаму сум оптимист дека ќе настапам во Токио следната година – истакна Георгиевски.
Најдобриот македонски пливач на долги патеки, Евгениј Поп Ацев, кој е трикратен победник во Светската серија ултрамаратони на Светската пливачка федерација (ФИНА), шансата за настап ја бара во трките на 10 км, оти неговата специјалност, маратоните на 30 км, не се дел од ЛОИ.
– На годинашниве квалификации во кинескиот град Гванжу не успеав да изборам олимписка норма, но има уште една можност, а тоа е во јуни следната година во Токио. За настап на ЛОИ се предвидени само тие квалификации, кога се работи за трките на 10 км. Засега само 25 пливачи ќе настапат на ЛОИ. Но се зборува да се прошири квотата со севкупните победници од СК на 10 км и ултрамаратон-серијата, но засега сѐ уште не е донесена таква одлука и тешко дека ќе биде за оваа олимпијада. Се надевам дека ќе исполнам олимписка норма, иако ќе биде многу тешко, оти за таму се предвидени само 25 пливачи само со А-норма. Но јас вредно ќе тренирам и работам да бидам меѓу нив -оптимист е Поп Ацев.
Познато е дека Македонскиот олимписки комитет (МОК) одреди 12 спортисти што примаат стипендија, која им помага во обезбедувањето норма за ЛОИ 2020. Тоа се Дејан Георгиевски (таеквондо), Емил Павлов (карате), Берат Јакупи (карате), Пуликсенија Јованоска (карате), Наташа Стефановска (карате), Лина Ѓорческа (тенис), Дарио Ивановски (атлетика), Арбреша Реџепи (џудо), Нина Балабан (стрелаштво), Евгениј Поп Ацев (пливање), Елмедин Сејфулау (борење) и Могамедгаџи Нуров (борење). Секако, пласман на ЛОИ може да обезбедат и спортисти што не се стипендисти.