Роси забележа 115 победи во кариерата, во сите класи, освои бодови на 353 трки и е единствениот што бил светски првак во класите до 125, 250 и до 500 кубни сантиметри и во МотоГП
Италијанецот Валентино Роси (40), легендата во мотоспортот, утре на трката МотоГП за големата награда на Австралија на Филип ајленд, оддалечен околу 140 км од Мелбурн, ќе ја вози 400-та трка во кариерата.
За Роси, деветкратниот светски шампион, ова е 24-та сезона во мотоспортот во кој ќе остане барем до 2020 година, откако во 2018 година го продолжи договорот со Јамаха.
– Никогаш немав јасна идеја колку долго сакам да се тркам. Тоа е нешто неочекувано, помина долго време. Кога имате добри резултати сѐ е полесно бидејќи повеќе уживате. Но ако сте во лош момент, тогаш треба да постои мотивација, да се обидете и да се вратите – вели Роси, кој во моментов е на седмото место на три трки до крајот на шампионатот.
Роси забележа 115 победи во кариерата, во сите класи, и освои бодови на 353 трки. Тој е единствениот возач во историјата што бил светски првак во класите до 125, 250 и до 500 кубни сантиметри и во МотоГП.
Во 2017 година тој претрпе двојна скршеница на ногата, но се врати по само 21 ден за да се натпреварува на трката во Арагон, и покрај тоа што му требаше стап за да оди. Трката ја заврши на петтото место.