Легендата за автомобилскиот спорт Ники Лауда закрепнува многу брзо по трансплантацијата на белите дробови.
Лекарите од клиниката каде беше извршена операцијата денеска соопштија дека трикратниот светски шампион во Формула 1 веќе нема потреба од помош при дишењето.
– Само 24 часа по операцијата Ники Лауда беше целосно свесен. Беше отстранета помошната цевка и веќе дише самостојно – се вели во заедничката изјава на лекарскиот тим од виенската Општа болница и Медицинскиот универзитет од Виена.
Во соопштението се додава дека сите органи во телото на Лауда добро функционираат.
Лауда, кој беше во одреден период и управен директор на тимот на Мерцедес во Формула 1, беше подложен на операција во четвртокот, откако лекарите сметаа дека нема друг начин да се отстрани вирусната инфекција.
Шеесет и деветгодишниот Лауда има сериозни здравствени проблеми откако при несреќа за време на трката во август 1976 година се запали неговиот болид.
Лауда, кој е шампион од 1975, 1977 и 1984 година, потоа почна да работи како авиопилот и формираше сопствена авионска компанија „Лауда Ер“. Тој исто така беше коментатор и телевизиски аналитичар.