Кошаркарската легенда во 2004-та потпишалa согласност за изградба на хотел во Сент Мориц, кој никогаш не бил изграден, пренесуваат хрватски медиуми за спорот што шест години го води Кукоч во Лугано
Ниту по шест години откако поднесе кривична пријава до обвинителството на кантонот Лугано, во Швајцарија, Тони Кукоч (51), поранешниот кошаркар на Чикаго, не знае кој е одговорен за неговиот финансиски крах во швајцарската банка БСИ, објавија хрватски медиуми. Хрватската кошаркарска легенда, која во 2006 година ја заврши НБА-кариерата во Милвоки, а е примена во „Куќата на славните“ на ФИБА, остана без, како што вели, крваво заработените милиони во најсилната кошаркарска лига на светот.
Хрватските медиуми, пренесувајќи написи од швајцарските, објавија дека деновиве уште еден поранеше НБА-играч, Словенецот Радослав Нестеровиќ, со уште тројца поранешни играчи што настапувале во САД вложиле свои заштеди во финансискиот институт, а потоа парите им биле украдени од финансиски советник, за кој хрватските медиуми велат дека е Паоло Банфи, кого Кукоч го запознал уште во времето кога играл за италијански Бенетон.
Банфи минатата недела бил испитуван во кантоналното обвинителство, но на Кукоч не му е позната содржината на неговиот исказ. Меѓутоа, тој за хрватски „Јутарњи лист“ потврди дека на 23 декември 2012 година поднел лична кривична пријава во Лугано против Банфи. Во меѓувреме до обвинителството стигнале информации што упатуваат на тоа дека Кукоч и други поранешни НБА-ѕвезди се жртви на своевиден финансиски инженеринг. Истрагата што ја води Рафаел Ригамонти од луганскиот кантонален суд наводно собрала опсежна документација за случаите.
Генезата на случајот со кој сега се занимаваат истражителите потекнува уште од времето кога Кукоч играше за Бенетон, на крајот од 90-тите години од минатиот век, кога преку сопственикот на тимот и луѓе блиски до него го запознал Банфи, кој му се претставил како финансиски советник. Тие се спријателиле по потпишувањето на Кукоч со Чикаго. Кукоч бил преокупиран со кошарката, а Банфи, кој бил препорачан како доверлив финансиски советник, му ги понудил услугите за да ги „облагороди“ заработените пари во САД. Банфи на Кукоч му препорачал парите да ги стави во некоја швајцарска банка, поради стабилноста на тамошниот систем. Тони му потпишал и полномоштво на Паоло да врши одредени финансиски трансакции, но исклучиво со негово писмено овластување и согласност. Банфи во мај 2004 година му предложил еден профитабилен бизнис, односно дел од парите да вложи во купување земјиште и на него да изгради луксузен хотел. Оваа идеја требало да биде одлична инвестиција, проект со кој ќе се заработува на богати гости, поради што на 1 јуни 2004, Кукоч потпишал согласност за изградба на хотел во монденскиот скијачки центар Сент Мориц, со ресторан и седум луксузни апартмани за гости со висока платежна моќ, пишува „Јутарњи лист“.
Банфи и личниот банкар во банката БСИ тогаш го советувале Кукоч да не инвестира готови пари, туку да земе кредит, на што Кукоч се согласил. Во зимата 2007-та тој оди во Сент Мориц да види како напредуваат работите на неговиот хотел, за кој му било речено дека ќе биде готов во рок од девет месеци. Тогаш, Банфи и банкарот го убедувале Кукоч дека хотелот ќе биде во функција до следната зима и ќе почне да ја враќа инвестицијата. Но состојбата на градилиштето не била онаква како што било планирано, ниту пак хотелот бил во Сент Мориц, туку на 14 километри оддалечена локација во Мадулаин. Кукоч набргу сфатил дека мора да го пресече „инвестицискиот циклус“ со Банфи и да побара помош.
Кон крајот на 2012 година, кога сфатил дека останал без тешко заработените пари, Кукоч решил да ангажира адвокати во Лугано, кои набргу поднеле кривична пријава во обвинителството. Во 2015 година Банфи завршил во притвор, осум месеци, и изгледало дека ситуацијата ќе се расплеткува. Но ништо од тоа, судската постапка уште трае. Повеќе години ништо не се случило, освен што банката, со оглед на фактот дека кредитите не биле вратени, го запленила и го продала хотелот. Кукоч бил уверуван дека вредноста на неговите недвижнини ќе биде околу 20 милиони франци, но општината Мадулаин службено го проценила хотелот на нешто повеќе до пет милиони.
Хотелот во Мадулаин, врвно опременото здание со црвена фасада во алпски стил, со луксузен мебел и ресторан, што требало на поранешната НБА-ѕвезда да ѝ осигури спокојна егзистенција, сега е празен. И додека Кукоч ја води својата правосудна битка, истрагата се проширува поради сомневања дека „финансиските инженери“ во своите сомнителни вложувања, покрај Кукоч, вовлекле и други поранешни НБА-играчи и уште неколку врвни спортисти, пишува „Јутарњи лист”.
Финансиската измама имаше одгласи и во словенечките медиуми. Нестеровиќ (43), генерален секретар на Кошаркарскиот сојуз на Словенија, еден од најдобрите словенечки кошаркари на сите времиња, кој помина 11 сезони во НБА-лигата, а со Сан Антонио освои и титула, потврди дека во судот во Лугано минатата недела дал исказ за својата верзија за финансиските вложувања во кои е „олеснет“ за осум милиони франци. Тој признава дека очигледно им верувал на погрешни луѓе.