Бенедик (лево) и Фучкар освоија по цел поен на мечот со Чешка

Македонија во 3-то коло го доживеа и вториот пораз, овој пат од домаќинот со 3-5, а до крајот во својата група Б треба да игра со Србија

Македонската машка кугларска репрезентација ги загуби шансите за пласман во четврт-финалето на Светското екипно првенство (СП) во чешкиот град Рокичани, откако во 3-то коло го доживеа и вториот пораз, овој пат од домаќинот, со 3-5. Во мошне неизвесен меч, победникот го реши вкупниот збир на кегли (3.753-3.740), откако во поединечните дуели беше нерешено 3-3. Во македонскиот состав победи остварија Бојан Влакевски, Борис Бенедик и селекторот/играч Дамир Фучкар. До крајот Македонија, која има два бода во групата Б, ја очекува уште денешниот дуел против актуелниот светски првак Србија. На табелата Србија и Чешка имаат по четири бода, Македонија и Полска по два, а Естонија е без бодови, со тоа што Србија и Чешка треба да одиграат уште по два натпревара, а Полска, Македонија и Естонија по еден.

Во првиот и во третиот натпревар против Полска, односно против Чешка, загубивме поради наши грешки, а не дека противниците беа многу подобри од нас. Но кога немаш тешки натпревари и кога не си присутен долго време на светските првенства, каков што е случајот со Македонија, тогаш вакви ситуации се случуваат, како да си дебитант на СП. Желбата е огромна, а патеката чувствителна, па не дозволува да се игра на сила. Ако 100 отсто не си ја фрлил куглата како што треба, тогаш нема ефект.

Тогаш е тешко да се одржи цел меч, а особено кога резултатот е многу израмнет.

Како капитен на репрезентацијата ја преземам одговорноста за оваа состојба, оти требаше некои работи да ги направиме подобро. Сепак, би напоменал дека успех е и самото учество на ова СП, по 2013 година. Успех е и за новото раководство, кое создаде можност да дојдеме на СП во Чешка. Се надевам дека ова е ново време во македонското куглање и дека во блиска иднина ќе се вклучи и женската репрезентација. Пред денешниот последен дуел со Србија, можам да ветам борба до последната кугла, оти само тоа и ни преостанува. Србија е фаворит, но ние сакаме да оствариме резултат што ќе покаже каде сме во моментов во светското куглање – ни изјави капитенот на македонската репрезентација Борис Бенедик.

Како што е познато, Македонија во 1-то коло загуби од Полска со 2-6, а во 2-то коло максимално славеше против Естонија, со 8-0. Најголемиот успех на СП, македонската репрезентација го оствари во 2013 година, кога во унгарскиот град Залаегерсег го освои сребрениот медал. 


Чешка – Македонија 5-3 (3.753-3740)
Хејхал – Влакевски 623-683 (0-4)
Бина – Соколовски 598-580 (3-1)
Свобода – Димитровски 672-614 (4-0)
Горецки – Трпковски 650-610 (2,5-1,5)
Весели – Бенедик 589-609 (1-3)
Питлик – Фучкар 621-644 (1-3)