Во мини-анкетата на „Нова Македонија“ дванаесетмина сметаат дека Карлсен ќе ја одбрани титулата, а тројца се изјаснија дека Каруана ќе слави, иако сите се согласија дека дуелот ќе биде крајно неизвесен. Дуелот за светската круна почнува денеска во Лондон
Со првата партијата од предвидените 12, денеска во Лондон почнува мечот за титулата светски шаховски првак помеѓу бранителот на круната, Норвежанецот Магнус Карлсен (27), прворангиран на рејтинг-листата на Светската шаховска федерација (ФИДЕ) со 2.835 поени и претендентот, Американецот Фабијано Каруана (26), второрангиран во светот (2.832).
Карлсен е светски првак од 2013 година, кога го победи Индиецот Вишванатан Ананад, потоа против истиот шахист, како и против Русинот Сергеј Карјакин, успеа да ја одбрани титулата во 2014 и во 2016 година. Каруана првпат игра за светскиот трон. Во пресрет на овој дуел, „Нова Македонија“ направи мини-анкета за тоа кој ќе победи во овој меч. Од испитаниците, 12 (80 отсто), сметаат дека Карлсен ќе ја одбрани титулата, а тројца се изјаснија дека Каруана ќе слави.
– Многу е тешко да се прогнозира како ќе заврши мечот. И двајцата се многу еднакви, така што победникот може да го реши оној што е подобро подготвен во отворањето. Сепак, мислам дека Каруана има појаки нерви и дека ќе победи – вели македонскиот ВМ Кирил Георгиев.
Слично размислува и ФМ Љубиша Андоновски.
– Верувам во Каруана и ќе навивам за него. Постојано напредува, помлад е и како предизвикувач е помотивиран. Очекувам многу возбудлив меч и тесна победа на Каруана – вели Андоновски.
Српскиот велемајстор (ВМ) Роберт Маркуш е со спротивен став.
– Мечот е апсолутно неизвесен и не е можно да се предвиди кој ќе победи. Малку поголеми шанси, односно 55-45 отсто му давам на Карлсен – смета Маркуш, првиот победник на турнирот „Опен Карпош“.
Предност на Карлсен му дава и ФИДЕ-мајсторот (ФМ) Ристе Менкиноски.
– Нивните меѓусебни дуели покажуваат дека Карлсен е благ фаворит, но од друга страна, притисокот врз бранителот на титулата е секогаш посилен. Очекувам неизвесен меч, кој би можел да заврши и 6-6 и да се решава во тајбрејкот. Му давам мала предност на Карлсен, затоа што е подобар во забрзан и во блиц-шах, така што и нерешен резултат го става во пол-позиција. Но, ќе навивам за Каруана – вели Менкиноски.
Како типуваа
За Карлсен: ИМ Филип Панчевски, ИМ Димитар Илиевски, ВМ Роберт Маркуш, ЖИМ Габриела Коскоска, Бошко Милошески (шаховски проблемист), ФМ Ристе Менкиноски, ВМ Роландо Кутиров, ЖИМ Моника Стојковска, ИМ Орце Данчевски, Ивана Манова, ИМ Никола Николовски, Лино Червар (ракометен тренер).
За Каруана: ВМ Кирил Георгиев, ФМ Љубиша Андоновски, ФМ Тони Лазов.
Награден фонд од еден милион евра
Наградниот фонд изнесува еден милион евра, од кои победникот ќе добие 60 отсто. Во случај победникот да биде решен во тајбрејк, шампионот ќе добие 55, а поразениот 45 отсто. Темпото на игра изнесува 100 минути за првите 40 потези по играч, плус 50 минути за следните 20 потези, а потоа и 15 минути за крајот на партијата, плус дополнителни 30 секунди по секој одигран потег, почнувајќи од првиот. Ако по 12-те партии биде нерешено (ако некој претходно освои 6,5 поени мечот се прекинува), ќе се играат четири партии со темпо од 25 минути по играч со плус 10 секунди за секој потег. Ако повторно биде нерешено, ќе се играат две блиц-партии (2х5 мин., плус три секунди по секој потег), а ако пак биде нерешено ќе има уште две вакви партии. Ако и тогаш нема победник се игра уште една во која белиот ќе има пет, а црниот четири минути за размислување со додаток за двајцата по три секунди по 61. потег. Во таа партија на црниот ќе му одговара и реми за да ја освои титулата.