Актуелниот светски шаховски првак, норвешкиот велемајстор (ВМ) Магнус Карлсен, постави нов светски рекорд според бројот на одиграни партии без пораз, 101. Тој на последниот турнир што неодамна заврши во Англија, во последното коло ремизира со Ерменецот Левон Аронијан и со тоа го собори рекордот што беше во сопственост на Кинезот Лирен Динг, а изнесуваше точно 100 партии во низа.
– Чувствував дека бројот 100 е магичен. Никогаш не ни помислував дека можам да постигнам такво нешто, но морам да признаам дека имав и среќа – изјави Карлсен по ремито со Аронијан.
Тој го освои 6-то место на мошне силниот турнир, на кој победи Кинезот Хао Ванг и се пласира на Турнирот на кандидатите за предизвикувач на Карлсен за планетарната титула.
Карлсен (28) не ја почувствувал горчината на поразот уште од 31 јули минатата година, забележувајќи 33 победи и 68 ремија. Динг беше првиот шахист што поставил ваков рекорд со рејтинг од над 2.800 поени, а Карлсен сега е и актуелен светски првак со најдолга серија без пораз.