Лирен Динг

Водечката тројка, Карлсен, Каруана и Динг, ги зацврсти своите позиции на врвот на листата на ФИДЕ, кои се единствените со рејтинг поголем од 2.800 поени

Светскиот шаховски шампион, Норвежанецот Магнус Карлсен, продолжува да владее на светската рејтинг-листа. На најновата, која ја објави Светската шаховска федерација (ФИДЕ) за септември, тој 99-ти пат во низа е на врвот, овој пат со 2.876 поени, шест поени помалку во однос на августовската листа.

На втората позиција е Американецот Фабијано Каруана (2.812), кој исто така загуби шест поени, а трет е Кинезот Лирен Динг со само еден поен помалку (2.811). Динг освои нови шест поени во однос на минатиот месец. Оваа водечката тројка само си ги зацврсти своите позиции на врвот и покрај она што се случуваше на последниот турнир во класичен шах „Синквилд куп“ во Сент Луис, САД. Таму Динг успеа да го победи Карсен во забрзан и брз шах, што претставуваше мало изненадување во шаховските кулоари, имајќи предвид дека Карлсен е токму силен кога игра со побрзо темпо на размислување.

Подетално, листата ја одбележа Динг, кому ова му беше 12-от последователен месец со рејтинг над 2.800 поени, а деветти во низа на кој тој, заедно со Каруана и со Карлсен, ги дели истите позиции во светот.
На македонската листа без промени на врвот. Води Кирил Георгиев со 2.581 поен, со што моментно е 305-ти во светот, а Македонија е рангирана на 51-то место меѓу 186 држави. 


НАЈДОБРИ 10 ЗА СЕПТЕМВРИ
Магнус Карлсен 2.876 (-6)
Фабијано Каруана 2.812 (-6)
Лирен Динг 2.811 (+6)
Аниш Гири 2.780 (+1)
Јан Непомнијашчи 2.776 (+2)
Максим Вашер-Легрев 2.774 (-4)
Шахријар Мамеѓаров 2.767 (+3)
Весли Со 2.767 (-9)
Вишванатан Ананд 2.765 (+9)
Јангуи Ју (Кина) 2.763 (+11)
во заградата е разликата во поените во однос на листата за август