Најдобар пласман обезбеди Жарко Арсовски (над 84 кг) во борби, кој со три победи, од кои една во репасажот, го освои седмото место
Македонските каратисти и каратистки во борби и во кати (вкупно 14), не успеаја да се закитат со медал на првиот од предвидените седум турнири на престижната Премиер-лига во карате, кој се одржа викендов во Париз. Во исклучително силна конкуренција (над 770 каратисти од 82 држави), најдобар пласман обезбеди Жарко Арсовски (над 84 кг) во борби, кој оствари вкупно три победи, но му беше потребна уште една во репасажот за да се бори за бронзен медал, но загуби (1-2) од Тарек Махмуд Тара од Египет, со што го освои седмото место. Кај каратистките, Ангела Мојсовска (до 68 кг) во борби заврши како деветта, откако по двете победи и еден пораз, загуби и во репасажот (1-8) од Русинката Викторија Исаева.
Во Париз две победи обезбеди и Виктор Крстевски (до 84 кг), додека по еднаш на татамите славеа, Драгана Манговска (до 50 кг), Наташа Стефановска (до 61 кг), Вероника Костовска (до 61 кг), Емил Павлов (до 60 кг) и Берат Јакупи (до 84 кг), сите во борби, додека другите петмина загубија уште во првиот настап. Финалните борби беа вчера, попладне.
Единствената претставничка во кати, Пуликсенија Јованоска, не успеа да се пласира во следната рунда откако во првата група од осум каташки, заврши како шеста со добиена оценка 21,54. Во Париз првпат се спроведе т.н. електронско оценување на натпреварувачите во кати.
Во Премиер-лигата во пет тежински категории, право на настап имаа 64 претставници по категорија, односно најдобрите 50 од ранг-листата на ВКФ, а преостанатите 14 се пополнуваа од првите 100 на истата листа. Овие турнири се мошне значајни, оти се голема можност за освојување што повеќе поени за пласманот на листата на ВКФ, а со тоа и да се биде многу поблиску до Летните олимписки игри (ЛОИ) во Токио в година. Следниот ваков турнир ќе се одржи во Дубаи (ОАЕ) од 15 до 17 февруари.