На прославата на ИОК, кој е формиран вo 1894 година, присуствуваа 700 гости, меѓу кои и претседателите на 206 национални олимписки комитети и на меѓународните спортски федерации
Интернационалниот олимписки комитет (ИОК) во неделата го прослави 125-от роденден со отворање на новиот дом на олимпизмот, во Лозана (Швајцарија), една од најодржливите згради во светот. ИОК е формиран на 23 јуни 1894 година од Французинот Пјер де Кубертен.
На церемонијата присуствуваа 700 гости, меѓу кои и претседателот на Швајцарската конфедерација, Ули Маурер, членовите на ИОК, претседателите на 206 национални олимписки комитети и на меѓународните спортски федерации и повеќе од 30 олимписки медалисти, кои заедно со олимписките медалисти меѓу членовите на ИОК освоиле повеќе од 125 медали на олимписките игри.
Олимпискиот дом, седиштето на ИОК, е дизајниран да ја одразува сеопфатната мисија на ИОК, да го направи светот подобар преку спортот, како и реформите на олимписката агенда 2020, велат од ИОК. Во зградата ќе работат водечките луѓе на ИОК, 500 вработени, кои претходно беа поделени низ Лозана на четири локации, а сега се под еден покрив. Тоа е инвестиција на ИОК во одржливоста, еден од трите столба на олимписката агенда 2020.
Од вчера ИОК ја одржува 134-та седница, на која се донесуваат разни одлуки, вклучувајќи го и синоќешниот избор на град-домаќин за Зимските олимписки игри во 2026 година, помеѓу кандидатите Стокхолм и Оре (Шведска), како и Милано и Кортина (Италија).