ЕМИЛ ПАВЛОВ, КАРАТИСТ

На олимписките квалификации во Париз, пред сѐ, ќе биде решавачка мојата подготвеност, оти кога сум добро подготвен можам да ги победам сите, но, исто така, и искуството и желбата за триумф. Секако и психолошката подготовка ќе биде од голема важност, исто како што е битна и физичката подготвеност. Фактот дека сум на чекор до ЛОИ ми претставува само една голема мотивација да тренирам понапорно и попосветено, вели Павлов

Фактот дека сум на чекор до ЛОИ ми претставува само една голема мотивација да тренирам понапорно и попосветено. Со текот на годините сфатив дека не треба многу да се оптоварувам и самиот да си правам притисок, туку да бидам порелаксиран. Знам дека имам квалитет да бидам дел од ЛОИ, верувам во себе и се надевам дека ќе обезбедам олимписка норма, вели 28-годишниот бестрашен борец на татамите, каратистот на КК Штип, Емил Павлов, за кого 2021 година ќе претставува нов голем предизвик, можеби и најголем во неговата богата натпреварувачка кариера.

Дали носителот на две европски злата (од 2014 и 2018 година) и две бронзи (2016 и 2019 година), потоа бронза од Европските игри во Баку (2015-та), три злата од балканијадите и победник на повеќе реномирани турнири низ светот, ќе му се приклучи на досега единствениот македонски спортист што обезбеди олимписка норма за настап на Летните олимписки игри (ЛОИ) во Токио в година, борачот во слободен стил Мaгoмедгаџи Нуров, ќе зависи токму од настапот на квалификацискиот турнир за ЛОИ, во јуни в година во Париз.

– Пред да почне ковид-кризата, бев во најдобра форма досега во мојата кариера и ја темпирав за Европското првенство и за квалификацискиот турнир, но, за жал, поради ковид-19 се откажаа сите турнири. Секако, не престанав да тренирам, но, сепак, се чувствува недостиг од натпревари за да се види до каде сум со формата – вели Павлов, 10-кратниот државен првак во низа.

За да исполни олимписка норма, Павлов ќе треба да освои едно од првите три места на квалификацискиот турнир. Павлов, спортистот на Македонија за 2018 година, како и секогаш, е голем оптимист.

– Речиси сите противници добро ги познавам оти често се среќаваме на турнирите, а имам и тренирано со многу од нив. Последната година ги победив сите фаворити, двајца светски прваци и прворангираниот на светската ранг-листа. Листата уште не е заклучена за тоа кој точно сѐ ќе учествува на квалификацискиот турнир. Тоа дефинитивно ќе се знае по Европското првенство во мај. На тие квалификации во Париз, пред сѐ, ќе биде решавачка мојата подготвеност, оти кога сум добро подготвен можам да ги победам сите, но, исто така, и искуството и желбата за триумф. Секако и психолошката подготовка ќе биде од голема важност, исто како што е битна и физичката подготвеност – вели Павлов, стипендист на Македонскиот олимписки комитет и носител на спортска пензија за исклучителни постигнувања во каратето.

[email protected]