Славниот Австриец има освоено три титули светски првак, 25 победи и 24 пол-позиции. Во 2012 година, како еден од шефовите на Мерцедес, бил клучен при ангажирањето на Луис Хамилтон

Австриецот Ники Лауда, еден од најголемите возачи во историјата на Формула 1, почина во 71-та година од животот, девет месеци по трансплантацијата на белодробното крило. Тоа беше неговата последна и неуспешна трка со смртта, со која повеќепати се сретнуваше во животот и на крајот секогаш излегуваше како победник. Лауда е роден на 22 февруари 1949 година, во богато семејство во Виена. Уште како мал покажувал заинтересираност за брзо возење и сонувал дека еден ден ќе биде најбрз возач во Формула 1. Желбата да биде дел од Ф1 му се исполнила во 1973 година, кога станал возач на тимот на БРМ, но сѐ се сменило кога клупскиот колега Клеј Регацони заминал во Ферари и го наговорил Енцо Ферари да го земе и Лауда.
На деби-трката го освоил второто место, а на третата трка во Шпанија победил. Сезоната ја завршил на одличното четврто место, а во следната 1975 година ја освоил и првата од трите титули светски првак. Во сезоната 1976 победил на четири од првите шест трки, со што одбраната на титулата речиси била на дофат. Но на 1 август дошла на ред трката во Нинбургринг, Германија, на 23 км долгата патека, која минувала низ шумски простор и која важела за мошне опасна, а на која животот го загубиле околу 200 возачи во различни категории.

Во вториот круг Лауда со болидот на Ферари при полна брзина удрил во заштитната ограда, а болидот се запалил. Извлекувањето одело тешко, Лауда цели 55 секунди останал во запалениот болид, а од силината на ударот заштитниот шлем му паднал од главата. Изгорениците му го деформирале лицето, а отровните гасови му ги наполниле белите дробови. По целото лице имал изгореници од прв до трет степен.

– Да седев во болидот уште 10 секунди, ќе умрев. Кога дојдов во болницата, се чувствував многу изморено и загубено. Подоцна ги оперирав очите за да го повратам видот – ќе каже подоцна Лауда.

Иако ѝ гледал на смртта во очи, Лауда само шест недели по страшната несреќа со завој околу главата се вратил во Монца и го освоил четвртото место.

– Никогаш не размислував да се откажам. Таа несреќа не ме изненади оти сум се нагледал такви сцени. Сакав да се вратам и да видам што ќе биде понатаму – се присетува во една пригода Лауда, кој таа година заврши на третата позиција.

Во 1977 година вторпат ја освојува титулата светски првак, а по несогласувањата во Ферари заминува во Брабам. Третата светска круна ја освоил во 1984 година, со болидот на Мекларен, по големата борба и само половина поен предност пред клупскиот колега Алан Прост.

Следната година Лауда имал многу откажувања, а по излетувањето од патеката во Белгија и скршениот зглоб, дефинитивно донел одлука да го напушти „циркусот на четири тркала“, оставајќи зад себе три титули светски првак, 25 победи и 24 пол-позиции. Тој е основач на авиокомпанија „Лауда ер“, а бил и ТВ-коментатор во Ф1.

Лауда во 2012 година, како еден од шефовите на Мерцедес, бил клучен во ангажирањето на Луис Хамилтон. 


Што рече Лауда во интервјуто за „Нова Македонија“ во 2014-та

Ники Лауда, како бренд-амбасадор на австриската фирма „Новоматик“, во март 2014 година ја посети Македонија и даде интервју за весникот „Нова Македонија“, говорејќи за многу значајни моменти од богатата кариера.
Ви пренесуваме дел од тоа интервју со славниот Австриец.
Кои се моментите од вашата богата спортска кариера на кои најмногу се сеќавате и дали некогаш за вас заврши тркањето?
– Во животот не сум се коцкал колку што се коцкав со животот додека бев професионален возач. Па, токму затоа и мислам дека како чин што се поврзува со мојата кариера на кој најмногу ќе се сеќавам, е всушност моето повлекување од тркањето во 1985 година. Тогаш решив дека само ќе го следам овој спорт и никогаш нема пак да се активирам. Сега спортот го следам од страна, составен дел сум на тимот Мерцедес и сум спортски коментатор на трките за РТЛ.
Дали имате миленик меѓу денешните млади возачи во Ф1?
– Тоа е тешко да се одговори, бидејќи денешните возачи по многу нешта се разликуваат од оние во времето кога јас се натпреварував. Сегашните возачи се многу добри во тоа што го работат, бидејќи ги почнуваат кариерите многу порано. Фетел, на пример, е најмладиот тркач во натпреварувањето и тој стана шампион, замислете, на 22 години.
Во 1976-та доживеавте страшна несреќа, но само по шест месеци се вративте на патеките.
– Моето закрепнување од несреќата всушност ме научи да го надвладеам личниот страв за она што го работев. Колку побргу човек ќе успее да се врати на патеките толку полесно ќе може да се справи со психичкиот товар и со ризикот од професијата. Сепак, иако ова е правилниот начин на размислување, морам да кажам дека не беше воопшто лесно да се направи. Но сепак, го сторив тоа, се вратив на патеките и продолжив да се тркам, иако не успеав таа година да го освојам шампионатот.