Македонија има вкупно 14 медали од ЕП, а од учесниците на ЕП 2019 Павлов и Јакупи ќе можат да ја зголемат својата европска колекција, а Радичевска, Заборска, Н. Стефановска, М. Стефановска, Весели, Исмаил, Арсовски, Јованоска и Исиќ ќе атакуваат на први европски сениорски медали
Познати се 11 македонски претставници во борби и во кати, од кои шест во машка и пет во женска конкуренција, кои ќе ги бранат боите на Македонија на Европското првенство (ЕП) во Гвадалахара, Шпанија (28-31 март). Екипните состави во борби дополнително ќе ги соопшти селекторот Сашко Арсовски.
Тоа е конечниот резултат по неделниот квалификациски турнир во Скопје, за состав на репрезентацијата за ЕП, на кој настапија најдобрите четворица во секоја тежинска категорија и имаа по три борби, секој со секого. Од оние што не станаа државни прваци а успеаја да обезбедат место на татамите во Гвадалахара се Берат Јакупи (категорија до 84 кг) и Фаик Весели (до 67 кг), кои беа подобри од државните прваци Петар Спасеновски, односно Глигор Петков. Емил Павлов (до 60 кг), Азиз Исмаил (до 75 кг) и Жарко Арсовски (над 84 кг) и во двата натпреварувачки дена покажаа стандардна форма.
– Како актуелен европски првак ќе бидам еден од фаворитите за голем резултат во Шпанија, но ќе биде многу тешко, оти таму конкуренцијата е многу голема. Мојата форма е во нагорна линија и ќе дадам сѐ од себе повторно да постигнам голем резултат. Oва ЕП е главен филтер за обезбедување настап на Европските игри во Белорусија годинава, а овие два турнира носат голем број бодови за обезбедување норма за ЛОИ 2020 – вели Павлов, двократниот европски првак од Тампере во 2014-та и од Нови Сад од лани и десеткратен сениорски првак на Македонија во низа.
Кај каратистките, пак, актуелните државни шампионки Драгана Манковска (до 50 кг), Јована Георгиева (до 55 кг) и Ангела Мојсовска (до 68 кг) загубија од Сара Рдичевска, Симона Заборска, односно од Моника Стефановска. Во кати, прваците Пуликсенија Јованоска и Фери Исиќ само ја потврдија својата форма и обезбедија место на ЕП. Клупски гледано, Макпетрол има четири претставници (сите во женска конкуренција), Штип двајца, а Металург, Вардар, Фунакоши Гичин и Ас и арт по еден.
Најдобри пласмани на листата за настап на ЛОИ во Токио засега имаат Јакупи, на 34-то место со 570 бода, Азиз Исмаил на 35-то со 420, и Наташа Стефановска на 38-то со 375 бода.
– Успешно заврши уште едно големо и значајно државно првенство за мене, кое ми ја донесе и 10-та сениорска титула, а четврта во низа. Овие одличја се знак за мојата целосна вложеност, но и напредок во овој спорт веќе четири години. Секако, многу сум среќен што успеав вторпат во низа да обезбедам пласман на ЕП. Прерано е да се зборува за тамошниот пласман, дотогаш има уште еден месец, во кој можам да ги поправам пројавените грешки, но верувам дека веќе е време и за сениорски медал, па зашто да не биде тоа во Шпанија. Благодарен сум им на сите мои тренери од КК Металург – вели Азиз Исмаил.
Македонија засега има вкупно 14 медали на ЕП, од кои по три златни и сребрени и осум бронзени медали. Од учесниците на ЕП 2019, Павлов (две злата, ЕП 2014 и 2018 и една бронза од ЕП 2016) и Јакупи (бронза од ЕП 2013 и сребро од ЕП 2017) во Шпанија ќе можат да ја зголемат својата европска колекција, а другите ќе атакуваат на први вакви европски сениорски медали.