Тие ја сочинуваат првата полуфинална двојка на САД опен, а втората е формирана по синоќешните дуели Надал – Шварцман и Беретини – Монфис
Бугаринот Григор Димитров го победи Швајцарецот Роже Федерер со 3-2 во сетови во четврт-финалето на САД опен и се пласира во своето трето полуфинале на тениските гранслем-турнири. По три часа и 10 минути игра, Димитров (78. на АТП-листата) славеше во дуелот со Федерер (трет на АТП) со 3-6, 6-4, 3-6, 6-4 и 6-2. Димитров во кариерата има настапи во полуфиналињата во Вимблдон во 2014 година и на Австралија опен во 2017 година.
За место во финалето тој ќе се сретне со Русинот Данил Медведев (петти на АТП-листата), кој претходно го победи Швајцарецот Стан Вавринка со 3-1 во сетови. Синоќа се играа преостанатите дуели од четврт-финалето, во кое се сретнаа Шпанецот Рафаел Надал (втор на АТП-листата) и Аргентинецот Диего Шварцман (21-ви), како и Италијанецот Матео Беретини (25-ти) и Французинот Гаел Монфис (13-ти).
Од нив само Надал има гранслем-титули (18), а настап во полуфинале има само уште Монфис (Ролан Гарос во 2008-ма). Од другите што се во трка за трофејот во Њујорк, најголем успех на Шварцман на гранслем-турнирите е играњето во четврт-финалето на Ролан Гарос лани, а Беретини и Медведев настапија во 4. коло на Вимблдон, односно на Австралија опен годинава.
Според некои пресметки, со евентуално освоена титула Димитров, Шварцман, Беретини и Монфис би влегле меѓу 10-те најдобри на АТП-листата, Медведев би се зацврстил на четвртата позиција, а Надал на второто место.
Во полуфиналето во женска конкуренција ќе се сретнат Американката Серена Вилијамс, дваесет и трикратна гранслем-шампионка, и Украинката Елена Свитолина, полуфиналистка и на Вимблдон годинава. Втората полуфинална двојка ќе биде формирана по синоќешните дуели од четврт-финалето, Белинда Бенчиќ (Швајцарија) – Дона Векиќ (Хрватска) и Бјанка Ванеса Андрееску (Канада) – Елис Мертенс (Белгија).