Федерер, Надал и Ѓоковиќ на сцената заедно се повеќе од 10 години, доминираат со играта, физичката, психолошката, тактичката подготовка, бројот на гранслеми, АТП-листи… Ривалството ги држи будни и ги прави секогаш да имаат високи цели, што само може да резултира со уште неколку години епски мечеви и голема меѓусебна трка
Тениската доминација долга повеќе од една деценија на Роже Федерер, Рафаел Надал и на Новак Ѓоковиќ веројатно е една од најголемите во светот на спортот. Нивното ривалство исто така. Сето тоа продолжи и со неделниот триумф на Ѓоковиќ во историското финале против Федерер на третиот гранслем-турнир годинава, во Вимблдон, за негов вкупно 16-ти голем трофеј. На таа листа води Федерер со 20, а Надал е втор со 18.
Во повеќе спортови и во минатото имало поединечна доминација, како на пример на атлетичарите Усаин Болт во трките на 100 и на 200 метри или на Сергеј Бубка во скок со стап, потоа на голферот Тајгер Вудс, пливачот Мајкл Фелпс…, во колективните спортови, на пример, на кошаркарот Мајкл Џордан, фудбалерите Лионел Меси и Кристијано Роналдо итн. Но тениската голема тројка на сцената е повеќе од десет години. Тие доминираат со играта, со физичката, психолошката, тактичката подготовка… Ако се бројат само пехарите од најголемите турнири, гранслемите, тие се водечка тројка со вкупно 54 (од првиот на Федерер во 2004 година тие освоија 54 од 65 можни), во оваа деценија освоија 32 од вкупно 39, во минатата 22 од 40.
Од активните тенисери најблиску со по три освоени гранслем-турнири се Станислас Вавринка и Енди Мареј, а по еден имаат Марин Чилиќ и Хуан Мартин дел Потро. Ваква доминација на тенисери не се случила во т.н. опен ера (од 1968 година), а пред тоа во 60-тите години од минатиот век, Рој Емерсон и Род Лејвер освоиле 23 од 40 достапни гранслем-трофеи. На АТП-листата, пак, од 2004 година од 832 само 41 недела не бил некој од тројцата, Федерер, Ѓоковиќ или Надал, на врвот (низата ја прекина Мареј во 2016 година). Доминацијата може да се отслика и со овој податок – вкупно тројцата играа 82 финалиња на гранслемите (31 Федерер, 26 Надал, 25 Ѓоковиќ).
– Мислам дека дефинитивно ова не е обично време за тенисот за мажи, бидејќи не мислам дека би помислиле дека Новак, јас и Рафа би биле толку цврсти, толку доминантни, толку многу години – ја пренесе „ЕСПН“ изјавата на Федерер.
Ѓоковиќ рекол дека тројцата се инспирирале едни со други за нови височини.
– Не прашувајте ме повеќе за младите тенисери, за тоа кога ќе дојде нивното време, бидејќи реков дека тоа евентуално ќе се случи. Но се чини дека тоа не се случува на гранслемите. Претпоставувам дека ова е местото каде што, особено Надал, Федерер и јас на некој начин одиме на следното ниво во однос на тенисот и на фокусирањето. Многу сме посветени на овие турнири. Особено во оваа фаза од нашите кариери ова е она што е најважно за нас – рекол Ѓоковиќ.
Нивната спортска перфекција ги одржува на високо ниво, се тркаат за трофеите, а ривалството ги држи „будни“ и ги прави секогаш да имаат големи цели. Сето тоа може да резултира со уште неколку години големи мечеви, меѓусебна трка по трофеи, рекорди и за тоа кој евентуално би бил прогласен за најдобар на сите времиња. На спортовите секогаш им требаат амбасадори, ѕвезди, легендарни ривалства, епски мечеви, големи приказни. А тенисот во исто време, подолго време, ги има Федерер, Надал и Ѓоковиќ.