Со реализацијата на нашата визија, ова ќе бидат најиновативните Игри, вели спортскиот директор на ЛОИ 2020 во Токио, Коџи Мурофуши, кој е олимписки победник во фрлање кладиво од ЛОИ 2004
Спортскиот директор на Летните олимписки игри (ЛОИ) во Токио во 2020 година, Коџи Мурофуши, кој е олимписки победник во фрлање кладиво од ЛОИ 2004 во Атина, во кратка презентација за плановите на ЛОИ 2020 ги откри можностите и предностите од користењето на вештачката интелигенција и роботиката во реализацијата на Олимписките и на Параолимписките игри.
– Со реализацијата на нашата визија, ова ќе бидат најиновативните Игри. Знаеме дека технологијата не можеме да ја вклучиме во сѐ, но тука првпат ќе биде воведен системот за препознавање лица. Благодарение на тој систем сите лица што ќе имаат акредитации, спортисти, официјални лица, новинари, фоторепортери и други, двојно побрзо од претходно ќе можат да стигнат до посакуваното место – рече Мурофуши.
Тој, исто така, откри дека на ЛОИ во Токио ќе бидат користени помагалата за кревање товар, кои првпат биле користени на јапонскиот Куп за кревање тегови.
– Луѓето ќе очекуваат да видат роботи во Токио. На волонтерите, кои цел ден помагаат во кревањето на теговите, ќе им биде олеснета работата со моќни асистентски костими – вели Мурофуши.
За подобро следење на спортските настани спортскиот директор најави пласирање апликација, која ќе им овозможи на гледачите да гледаат снимки на нивниот телефон заедно со настанот во живо, а, исто така, се разгледува можноста за инсталирање на силен ви-фи сигнал, кој би овозможил прегледување фотографии, повторување снимки и забавени движења.
Па, така, доколку некој нешто пропуштил, ќе може на својот телефон да ја врати снимката и да ја прегледа. Ова особено би било корисно на атлетските стадиони, за гледачите од горните редови, кои и покрај големата далечина завршните скокови, фрлања и завршувања на трки, вака ќе можат да ги гледаат одблиску на својот телефон.
Покрај стандардните безбедносни мерки, во опција е вклучување робот со вештачка интелигенција, кој сега се тестира како чувар во станицата Токио Сиибу-Шинџуку. Роботот има можност да открие сомнителни однесувања и пакети, како и агресивен говор на телото. Доколку тестирањата поминат во ред, тогаш роботот ќе се користи како дел од безбедносниот систем за ЛОИ 2020 во Токио.