Одбојкарскиот клуб Вардар, за кој ќе играат неколку македонски репрезентативци и двајца интернационалци, по еден од Србија и од Јапонија, в среда му гостува на Чез Карловарско во втората квалификациска рунда на купот Челинџ
Одбојкарите на Вардар, единствениот македонски претставник во европските купови сезонава, денеска преку Нирнберг, Германија, патуваат за Чешка, на првиот дуел од втората квалификациска рунда за пласман во купот Челинџ, против екипата на Чез Карловарско. Натпреварот ќе се игра во Карлови Вари, в среда, (од 18 часот), а реваншот по две недели, на 26 ноември, во Скопје.
– Немаме многу сознанија и податоци за играта на нашиот противник, освен двете снимки од последните првенствени натпревари, кои лесно ги добија со по 3-0 и на кои играа со доста изменет состав и формации. Нож се гледа дека се солидна екипа, доста висока, технички се добро потковани, имаат неколку искусни играчи, не брзаат, не прават непотребни грешки и многу комбинираат. Но не се непобедливи. Јас сум оптимист и сметам дека можеме да извлечеме позитивен резултат. Нашата шанса ја гледам во агресивниот сервис, ќе се обидеме да ги нападнеме, да ги принудиме да грешат на приемот – вели тренерот на Вардар, Деан Стојанов.
За натпреварот против Чез Карловарско, тренерот на вардарци Стојанов на располагања ќе ги има следните одбојкари: Филип Маџунков, Јовица Симовски, Васе Михаилов, Филип Лепидовски, Давид Стојановски, Стефан Трајковски, Јован Илиески, Тино Шулајковски, Бојан Џамбазов, Стојан Илиев, либерото од Србија, Лазар Мичиќ, и техничарот од Јапонија, Ватанабе Сун.
Вардар по подолго време, по повеќе од две децении, повторно ќе се натпреварува во еден од европските одбојкарски купови. Последен македонски одбојкарски тим што играше во европска конкуренција беше Работнички Фершпед, пред десетина години. Оттогаш македонските одбојкарски настапи се сведуваа на натпреварите на репрезентативно ниво, во европската „сребрена“ лига и во квалификациите за Европското првенство (ЕП), кои кулминираа со деби-настапот на континенталниот шампионат во Словенија, во септември годинава.