Македонскиот автомобилист Марко Блажевски го освои второто место на тркачката патека Мугело во Италија во рамки на Еуро Твинго купот, што се возеше изминатиот викенд. Блажевски, возејќи Рено Твинго, овој извонреден резултат го постигна во конкуренција на 26 автомобилисти од цела Европа. За изедначеноста на трката зборува податокот дека Блажевски во вистински фото-финиш, заостана само 0.074 секунди зад првопласираниот.
Резултатот е дотолку подобар бидејќи ова беше прва трка по пауза од една година за поранешниот македонски шампион во картинг, а потоа и успешен натпреварувач во автомобилизам.
Следната трка е во Мисано од 7 до 10 ноември и тимот на Блажевски ја очекува со големо нетрпение, бидејќи веруваат дека се подготвени повторно да забележат добар резултат во оваа категорија на која се фокусираа годинава.