Кадетската џудо репрезентација на Македонија настапува на Балканското првенство во Бихаќ, Босна и Херцеговина
Овој викенд нашата кадетска џудо репрезентација ќе ја претставува Македонија на Балканското првенство за кадети и кадетки, кое ќе се одржи во Бихаќ, Босна и Херцеговина. Предводени од селекторот Игор Паскоски, нашите млади репрезентативци со огромна желба и мотивација ќе се борат за медали и меѓународно спортско признание.
Во составот се вклучени осум перспективни натпреварувачи:
Хамида Друштинац (-44 кг)
Анамарија Стојмиловска (-48 кг)
Тамара Илиоска (-52 кг)
Теодора Илиоска (-57 кг)
Ангел Радевски (-50 кг)
Амар Бајрамоски (-55 кг)
Антонио Стојчески (-73 кг)
Никола Петров (-81 кг)
Воедно, овој натпревар претставува важен тест пред големиот предизвик што следува во јуни 2025 – Европското првенство за кадети во џудо, кое ќе се одржи од 26 до 29 јуни во Скопје.
По завршувањето на Балканското првенство, сите очи ќе бидат вперени кон Скопје, кое ќе биде домаќин на едно од најзначајните натпреварувања на европската џудо сцена – Европското првенство за кадети.
Овој исклучителен спортски настан ќе биде првото Европско првенство во џудо некогаш организирано во Македонија – историски момент за нашата земја и за македонското џудо. Очекуваме пристигнување на:
🔹 Најдобрите кадетски џудисти од 50 европски земји
🔹 Високи претставници од националните џудо федерации
🔹 Спортски функционери, делегации и љубители на џудото од цела Европа
Првенството претставува не само натпреварувачки туку и дипломатски и културен настан од највисоко ниво, преку кој Македонија ќе се прикаже како способен и модерен домаќин на спортски случувања од европски ранг.
Џудо федерацијата на Македонија работи со посветеност на организацијата, логистиката, безбедноста и спортскиот квалитет, за сите гости да понесат незаборавни спомени од Скопје.