Македонската фудбалска репрезентација утревечер од 20.45 часот во Скопје ќе го игра дуелот со Белгија во квалификациите за Светското првенство 2026. Белгиската репрезентација е најголемиот фаворит во групата, но и капитенот Енис Барди и селекторот Благоја Милевски на денешната прес-конференција се сложија дека Македонија умеела да одигра на врвно ниво токму против најсилните селекции.
– Играме во нашиот дом и не размислуваме за ништо друго освен за храбра игра, со поддршка од фановите можеме до победа. Ако не сонуваш за големи работи нема ни да ги оствариш своите цели. Веруваме сите дека можеме да одиграме на ниво и сите заедно да се радуваме – изјави Барди.
Селекторот Благоја Милевски рече дека Белгија е поквалитетна селекција на индивидуален план, но дека шансата на македонската репрезентација е во тимската игра.
– Имаат одлични индивидуалци, нема што да зборуваме за тоа. Но, нашата шанса е тимската игра и ако делуваме како целина, тогаш можеме да ги оствариме нашите тактички замисли – изјави Благоја Милевски и додаде дека „видел нешто што му дава надеж дека утре со Белгија ќе биде поинаку од досега“.
Претходно официјална прес-конференција пред утрешниот дуел одржа и белгискиот селектор Руди Гарсија кој потенцираше дека се дојдени во Скопје по победа, но и дека Македонија е сериозен противник.
– Не е само Елмас тука, тука е и Алиоски, има и други. Не чека тежок дуел, ќе влеземе без потценување. Македонија прави притисок и ги користи грешките на противникот. Нашиот противник е анализиран. Македонија веќе има 4 бода. За нас е необично што почнуваме од последната позиција на табелата. Македонија е силна, но ние ќе дадеме се од себе да победиме – изјави Гарсија.
За утрешниот квалификациски меч на Македонија до сега се продадени околу 25.000 билети, што ветува силна поддршка за македонските репрезентативци на арената “Тодор Проески“ во Скопје.
Фото: Маја Јаневска Илиева