ЕВРОПСКО ПРВЕНСТВО ВО ВАТЕРПОЛО
Во финалниот натпревар во „Белградска арена“, пред околу 13.000 гледачи, Србија ја совлада Унгарија со 10-7
Машката ватерполо-репрезентаци ја на Србија го освои златниот медал на 37. Европско првенство (ЕП) за мажи, кое во конкуренција на 16 селекции се одржа во Белград, Србија. Во финалниот натпревар играа Унгарија, до овој меч со вкупно освоени 26 медали (13 златни, седум сребрени и шест бронзени), и домаќинот, до овој меч со седум медали како самостојна држава (пет златни и по еден сребрен и бронзен медал), а славеше Србија со 10-7 (3-2, 2-3, 2-1, 3-1), што претставува нејзино шесто злато, додека Унгарија го освои осмото сребро. Натпреварот се одигра во „Белградска арена“, пред околу 13.000 гледачи. Во мечот за третото место, репрезентацијата на Грција за првпат во својата историја освои европски медал, бронзен, победувајќи ја индиспонираната Италија со 12-5.
Српските ватерполисти последен пат го освоија златото во 2018 година во Барселона, Шпанија. На последното ЕП одржано во Хрватска во 2024 година, титулата ѝ припадна на Шпанија, втора беше Хрватска, а трета заврши Италија.
Во идеалниот тим на ЕП 2026 беа избрани: Милан Глушац (Србија), Душан Мандиќ (Србија), Страхиња Рашовиќ (Србија), Константинос Какарис (Грција), Стилијанос Аргиропулос (Грција), Кристијан Манхерц (Унгарија) и Акош Наѓ (Унгарија). ЕП во ватерполо како одвоено од ЕП во водните спортови се одржува од 1999 година. Г.И.

































