Секако дека Оливера најмногу посакуваше да освои медал, објективно и го заслужува тоа, меѓутоа сѐ што се случуваше минатата година со ковид-19 остави сериозна трага врз формата, не само на Оливера туку и на сите спортисти, ни изјави Бранимир Јовановски, селектор на македонската параолимписка репрезентација и тренер на Наковска-Бикова

ПО НАСТАПОТ НА ОЛИВЕРА НАКОВСКА-БИКОВА НА ПОИ 2020

По преспаната ноќ и кратката анализа направена овде, во Токио, работите изгледаат поинаку. Факт е дека речиси немаше некоја позначајна грешка во настапите на Оливера Наковска-Бикова, а медалот остана далеку од неа. Секако дека таа најмногу посакуваше да освои медал, објективно и го заслужува тоа, меѓутоа сѐ што се случуваше минатата година со ковид-19 остави сериозна трага врз формата не само на Оливера туку и на сите спортисти, вели Бранимир Јовановски, селектор на македонската параолимписка репрезентација и тренер на Наковска-Бикова.
Македонскиот селектор дава и анализа на поединечните настапи на единствената македонска натпреварувачка на Параолимписките игри (ПОИ) во Токио.
– Со својот прв настап во дисциплината воздушен пиштол, Оливера го покажа својот несомнен квалитет и иако малку потешко од обично, сепак влезе во финалето. За жал, не ја сакаше „центарот“ ниту во основниот дел, ниту во финалето, и обично во тие моменти стрелецот се одлучува да преземе поголем ризик во намера да освои медал, а тој ризик често се исплати, но понекогаш и не. Дваесет и пет метри е дисциплина што ѝ лежи на Оливера, која знае да ја одработи перфектно, иако со малку тренинзи на годишно ниво, заради немање адекватно стрелиште и опрема за таа дисциплина. Сите ја видовме во ново финале и тогаш се случи повторно исто како и на претходната дисциплина, истрелите кружеа околу десетката, но никако да ја погодат, а беше сериозна конкурентка за медал.

Последната дисциплина за жал ѝ донесе и најслаб пласман. Од оваа точка на гледање, можеби ќе беше подобро да ја откажеме. Се измачи Оливера и физички и ментално, се обидуваше да го направи невозможното, пиштолот не ѝ испалуваше, а таа упорно го репетираше повторно, го креваше и чекаше кога и дали ќе испали. За меч од 60 куршуми, таа го крена пиштолот најмалку двојно повеќе пати. Дисциплината што во Рио 2016 година ѝ го донесе највисокиот пласман, 4-то место, сега за жал ја спушти ниско, но не по нејзина вина – појаснува Јовановски.
Но погледите веќе се насочени кон Параолимписките игри во Париз во 2024 година.
– По краток одмор, кој го заслужува, Оливера Наковска-Бикова заедно со нејзините колеги Ванчо Каранфилов и Александар Јовановски ќе ги почне подготовките за Париз 2024. Иако има три години дотогаш, спортски гледано Париз е многу бргу, веќе следната година почнуваат квалификациите и борбите за директна квота. Наковска-Бикова вчера на чинот на свеченото затворање на ПОИ го внесе македонското знаме во стадионот – рече Јовановски.
За Наковска-Бикова ова беше петти настап во низа на ПОИ. Таа освои златен медал на Параолимписките игри во Лондон во 2012 година, во дисциплината воздушен пиштол од 10 метри.