Недостига пукање во цел, пукање на малокалибарски стрелишта, а најмногу недостигаат контролни натпревари, токму заради тестирање на формата, детектирање одредени проблеми во тренажниот процес, надминување одредени психолошки бариери, соочување со конкуренцијата и утврдување на тактичките елементи на изведба. Низ нив се гради комплетната тактика за настап на најважниот настан, ПОИ. Поради ова и за оставање доволно време, најмалку шест месеци на спортистите за квалитетни подготовки, сметам дека е потребно ПОИ да бидат одложени. Ова се однесува и за ЛОИ, вели Јовановски
Покрај неизвесноста дали годинава ќе се одложат или воопшто нема да се одржат Летните олимписки игри (ЛОИ), истото тоа важи и за Параолимписките игри (ПОИ) во Токио (25 август-6 септември). Стрелачката Оливера Наковска-Бикова засега е единствената од Македонија што ја има исполнето нормата за настап на ПОИ во Токио. А тоа ѝ успеа на Светското првенство (СП) во Чеонгју (Јужна Кореја), во мај минатата година, во дисциплината пукање со воздушен пиштол од 25 метри. Можност да исполнат норми во стрелаштво имаат уште Александар Јовановски и Ванчо Каранфилов.
– Македонија веќе има свој спортист учесник на ПОИ во Токио, но има и уште двајца потенцијални кандидати, кои во мај во Перу требаше да се борат за олимписка квота. Сѐ поизвесно е дека тој квалификациски натпревар во Перу нема да се одржи, а нераспределените квоти ќе ѝ се доделат на Бипартитната комисија да ги распределува по некакви критериуми. Јас сум да се одржи квалификациски натпревар, односно квотите да се доделат на спортско поле, каде што имаме сериозна шанса. Ова би било првата причина зошто сметам дека ПОИ треба да се одложат или до крајот на годината, а најдобро на истите датуми следната година – вели селекторот на параолимписката репрезентација на Македонија, Бранимир Јовановски.
Јовановски, кој е носител на златен медал во стрелаштво од ПОИ во Барселона во 1992 година, смета дека за настап на ПОИ на спортистите им требаат и контролни, а не импровизирани натпревари.
– Втората причина за одложување на ПОИ е тренажниот процес. Да не се залажуваме, спортистите не тренираат. Она што го правиме дома во импровизирани услови преку вибер и скајп-апликација не може да се нарече тренинг за учество на параолимписки игри. Недостига пукање во цел, пукање на малокалибарски стрелишта, а најмногу недостигаат контролни натпревари. Без нив, чиста коцка е настапот на ПОИ. На спортистите им се потребни овие претходни натпревари токму заради тестирање на формата, детектирање одредени проблеми во тренажниот процес, надминување одредени психолошки бариери, соочување со конкуренцијата и утврдување на тактичките елементи на изведба. Едноставно, низ нив се гради комплетната тактика за настап на најважниот настан, а тоа се ПОИ.
Поради оваа причина и за оставање доволно време, најмалку шест месеци на спортистите за квалитетни подготовки, сметам дека е потребно ПОИ да бидат одложени. Секако, да не ги заборавиме и контролните натпревари и учеството на меѓународни турнири во тој период, како дел од тренажната програма за ПОИ. Сево ова се однесува и за Летните олимписки игри – вели Јовановски.
Македонија досега освои три медали на ПОИ, и тоа две злата, на Јовановски во Барселона (1992 година) и на Наковска-Бикова во Лондон (2012), и сребро, на Каранфилов во Атина (2004).