Тие се првите македонски нордијци што настапиле во трка од Светскиот куп
НОРДИСКО СКИЈАЊЕ – ТРКИ ВО ДАВОС
Задоволен сум од мојот деби-настап во Светскиот куп. Во трката на 15 км слободен стил, забележав солидно време, подобро за околу две минути од моето најдобро време сезонава, на ФИС-трката во Италија пред две недели, и освоив 136 ФИС-поени. За мене ова е добро постигнување, во силна конкуренција, меѓу врвни скијачи со многу поголемо искуство, вели најдобриот македонски нордиски скијач, олимпиецот Ставре Јада, за трката во Давос, Швајцарија, минатиот викенд во Светскиот куп (СК).
Јада (23) е првиот македонски нордиец што настапил во трка во СК. Тој во конкуренција на 104 скијачи беше 97., со време од 37:50,7 минути, што беше заостанување од 5,30 минути зад победникот, Норвежанецот Симон Кругер (32:20,4 минути).
– Следно соочување со овие скијачи ќе ми биде на Зимските олимписки игри во Пекинг, во трката на 50 км. Таму очекувам да не заостанам повеќе од 25 минути од најдобриот, што би било задоволително постигнување, во рамките на моите моментни можности – вели Јада, кој во Давос настапи и во спринтот на 1,4 км (беше 104-ти), со заостаток од 29,55 секунди зад победникот Јоханес Клабо од Норвешка.
Во Давос деби-настап во СК имаше и Ана Цветановска, која брка Б-норма за учество на Зимските олимписки игри (ЗОИ) во Пекинг в година. Цветановска (21) на 10 км беше 88., со заостанување од 7,12 минути зад победничката, Тереза Јохауг од Норвешка (23,40 минути), а во спринтот на 1,2 км имаше минус од 45 секунди зад најдобрата, Маја Далквист од Шведска.