Ми недостига тенисот многу. Но некако се помирив дека мора да биде вака, не сум само јас во незавидна ситуација. Тренирам секојдневно на одржување на општофизичката подготвеност. По малку ми е чудно што толку долг период сум дома бидејќи често патував. Добро ми почна сезоната, играв добро, победував, плус повредите се веќе минато, вели Ѓорческа
Најдобрата македонска тенисерка Лина Ѓорческа ја дели истата судбина како и сите други спортист(к)и во Македонија, Европа и во светот. Поради пандемијата на коронавирусот, која ги суспендира речиси сите спортски натпреварувања на неодредено време, таа е принудена да биде дома и да тренира сама, колку што ѝ дозволуваат условите.
– Последниот официјален натпревар го одиграв некаде кон средината на март во Анталија, во Турција и оттогаш, еве, речиси два месеца, го немам земено рекетот в рака, освен што понекогаш го удирам топчето во ѕид. Тренирам секојдневно, на одржување на општофизичката подготвеност, во домашни услови, имам направи за вежбање, тегови и слични реквизити, а и трчам редовно. Но не е тоа она вистинското, не сум стапнала на тениски терен – вели Ѓорческа.
Сепак, и покрај забраните Ѓорческа вели дека добро се справува со целата ситуација и се надева дека наскоро летово (професионалниот тенис е суспендиран до 13 јули) повторно ќе почне со настапите на турнирите.
– Ми недостига тенисот многу. Но некако се помирив дека мора да биде вака, што да се прави, не сум само јас во незавидна ситуација. По малку ми е чудно што толку долг период сум дома бидејќи често патував, од турнир на турнир. А и добро ми почна сезоната, играв добро, победував, плус повредите се веќе минато, не чувствував никакви болки во раката, во зглобот, сѐ беше добро, но ете се случи тоа што се случи – вели Ѓорческа.
Неодамна водечките тела во светскиот тенис, Машката и Женската тениска асоцијација (АТП и ВТА), потоа Интернационалната тениска федерација (ИТФ), како и четирите гранслем-турнири, Мелбурн, Ролан Гарос, Вимблдон и Њујорк собраа шест милиони долари за Програмата за помош, за поддршка на тенисерите и на тенисерките што се погодени од пандемијата на коронавирусот.
– Знам за таа иницијатива, но немам никаква информација. Иницијативата е сосема во ред, секаква помош е добредојдена во оваа ситуација, бидејќи ќе биде тешко за нас додека да се рестартираат тенисот и спортот воопшто. Ќе има рестрикции, ќе биде потешко да се патува, но се надевам дека работите, сепак, ќе се вратат во нормала и оти набргу повторно ќе почнам со играње тенис – вели Ѓорческа.