Најдобриот македонски кикбоксер Димитар Ѓоргиев (категорија до 81 кг), постигна огромен успех освојувајќи златен медал на Светското првенство (СП) во Џесоло Лидо, Италија (15-24 октомври), во дисциплината лоу-кик, што е негово четврто злато од СП.
Ѓоргиев до својот четврто златно одличје стигна откако ги совлада Италијанецот Давид Дано, Србинот Милош Даковиќ, во полуфиналето Бугаринот Никола Николов, а во денешното финале славеше против Никола Дробњак од Бих, сите со по 3-0.
Ѓоргиев е носител на злато на СП во 2011, 2013, 2015 (дисциплина кик-лајт) и во 2021 година (лоу кик), а во 2019 година освои бронза со што уште еднаш ја покажа својата висока класа во овој спорт. Ѓоргиев исто така има и три медали од ЕП, сребро во 2012, бронза во 2016 и злато во 2018 година.
Македонија на СП настапи со вкупно осум кикбоксери во дисциплините лоу кик, кик лајт и К1, во конкуренција на 1.418 кикбоксери од 69 држави. Г.И.